Македонија
18. October 2017 - 16:30

Катимерини: По изборите интензивни преговори за името

Резултатите од локалните избори на кои партијата на премиерот Зоран Заев постигна голема победа е факторот што ќе го забрза напредокот во преговорите за името помеѓу Атина и Скопје, оценува грчки Катимерини.

Искусни набљудувачи за весникот оценуваат дека резултатот од неделните избори ќе води кон забрзана иницијатива од страна на меѓународен фактор. Истите извори додаваат дека треба да биде јасно дека медијаторот Метју Нимиц ќе биде активен во следниот период, од ноември до февруари, што ќе претставува исклучително критичен период за напредок во разговорите меѓу двете земји. Во Атина будно се следи развојот на настаните и се очекува реториката на Заев и Димитров да биде преточена во реални потези и пред се можност за конкретни чекори кон постигнување компромис.

Во меѓувреме невообичаен молк во грчката јавност дали спорот за името бил една од клучните теми во вчерашните разговори на американскиот претседател Трамп и грчкиот премиер Ципрас, како што претходно беше најавувано. Според претходните пишувања, Ципрас сакал да побара од Трамп намалување на притисокот од САД за решавање на спорот за името се додека Македонија не се откаже од иредентизмот.

Но, освен заложбата за стабилизирање на регионот во кој Грција има клучна улога и отворање на прашањата поврзани со Турција и Кипар, ниту збор за билатералниот спор со Македонија.

И заменик шефот на грчката дипломатија Јоргос Катрогалос спроти средбата со Трамп најави дека очекува потврда од САД во промовирање на меѓународниот имиџ на Грција што автоматски би ги засилил преговарачките позиции на земјата во решавањето на отворените билатерални спорови, како тој со Македонија.

Катрогалос во истата изјава оценува дека во Македонија ,,по се изгледа дека сега има сили кои сакаат да се справат со неодговорноста од минатото и сакаат сериозна дискусија со Грција‘‘, додавајќи дека кај него има умерен оптимизам.