Македонија
5. October 2015 - 16:22

Катимерини: Обзнанети американските планови за Македонија

,,Обзнанети американските планови за Македонија‘‘. Под овој наслов грчки Катимерини открива доверливи документи во кои се потврдуваат американските намери кон Македонија, за кои е задолжена заменик-државниот секретар Викторија Нуланд со дозвола или толеранција на Белата куќа и Стејт департментот. Во двата документа под кодно име ,,К‘‘, испратени од амбасадорот во Вашингтон Панајопулос и во Скопје Лалакос на различни датуми е образоложена намерата на САД кои иницираат и инсистираат на решение на прашањето за името.

-Но, тоа што е најзначајно и вознемирувачки е што САД ја остава отворена можноста за покана на ФИРОМ за членство во НАТО, без истото да се случи на Самит. Како што пишува во телеграмата испратена од грчкиот Амбасадор во Вашингтон, тоа најверојатно ќе предизвика интензивна напнатост во односите на САД со Грција и ќе ја принуди Атина да стави вето, пишува Катимерини.

Чекорите што ги презема САД во подолг период, како игнорирање на грчките забелешки на поканата до Макеоднија да учествува на Самитот за борба против ИСИЛ под уставното име, зборува за сериозноста на намерите на Вашингтон.

Барањето на Грција е директно одбиено од Нуланд, која има план за Македонија. Нејзините намери, што се докажуваат со доверливите документи, беа објавени за време на посетата на Скопје на 13 јули, кога Нуланд побара од партиските лидери спроведување на политичките реформи, а справувањето на прашањето за името да му се остави на Вашингтон, пишува весникот.

Оттогаш ништо не е променето и по инцидентот во Њујорк изгледа дека американскиот план продолжува да се остварува, план, што според Катимерини е и европски, а во името на ЕУ, со поддршка на Германија го спроведува Комесарот Јоханес Хан.

Како поддршка на документите и поставените тези, весникот на крај пишува дека за време на средбата во Стејт Департментот со грчкиот амбасадор посветена на агендата на следниот Самит на НАТО, американскиот претставник одбил експлицитно да го уверат Панајопулос дека на Самитот нема да има покана за Македонија. Toj рекол дека не очекува изненадувања, но, не исклучува неочекувани ситуации.