Бизнис
17. January 2017 - 16:44

Катастарот започнува со најголемиот проект досега

Почнува масовната проценка на недвижностите во 4 општини во земјава.

Годинава Катастарот ќе го реализира  проектот со кој ќе се знае пазарната вредност на сите недвижности вклучувајќи го станбениот и деловниот простор, земјоделското земјиште и целосната инфарструктура.

Првичните проценки на Катстарот беа дека околу 800 000 објекти во земјава треба да се проценат како и околу 4 милиони парцели.

За почеток ќе бидат вреднувани недвижностите во Кисела Вода, Свети Николе, Гостивар и Зелениково а до крајот на 2019 ќе биде опфатена целата територија на земјава. За споредба на Словенија и требало 3 години да изврши проценка на целата површина.

- Следниот месец Агенцијата за катастар на недвижности  ќе спроведе теренско собирање на податоците за недвижностите потребни за системот за масовна проценка за четирите пилот општини. Во април се планира да биде извршена надградба на е-кат системот преку кој ќе се овозможи автоматско внесување на изјавите со дополнителните податоци за недвижностите во базата на Регистарот на цени, информира денеска на прес-конференција директорот на Катастарот Славче Трпевски.

Се зголемува и купопродажбата на недвижностите во земјава. Првиот човек на Катастарот информираше дека во третиот квартал лани споредено со истиот период 2015 има за 36 отсто зголемување на бројот на трансакции. Цените и понатаму стабилни, со благи флуктуации од плус минус 3,000 денари.

Најавената проценка од Катастарот се прави еднаш. После тоа циклично секоја недвижност минимално еднаш годишно ќе биде репроценета, поради променливата состојба на пазарот на недвижности.