Бизнис
24. February 2017 - 12:23

Катастарот воведува 3Д приказ за зградите и парцелите

За  станбените згради и за парцелите во Македонија за околу три години треба да се воспостави тридимензионален катастар. Ќе се користат искуства за воспоставување и одржување на 3Д катастарот од холандскиот катастар преку TAIEX  програмата на Европската комисија.

- Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз самите недвижности  што ќе создаде поедноставна слика на тоа - кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност, како во длабочина на земјата така и во висина, рече денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески. 

Тој информира дека прв чекор кон 3Д катастарот годинава ќе бидат воведување на висината при премерот на објектите, геореференцирање на етажните скици, како и електронско издавање на податоци за нив.

Целиот процес треба да овозможи и воведување нови просторно дефинирани единици, како 3Д парцела, волумен на кат и стан, како и нови атрибутни податоци за нив, да се олесни процесот на идентификација на дел од зграда и да се подобри визуелизацијата на регистрираните недвижности. За активностите ќе биде потребна промена на законската рамка, со што ќе се овозможи воведување 3Д парцела и волумен наместо метар квадратен.

Постоењето 3Д-геопросторни податоци како дел од 3Д-катастарот, објасни Трпески, претставува основа за извршување на најразлични 3Д-анализи со кои се овозможува ефикасно моделирање на зградите, теренот и површината, како и визуализација со која ќе се постигне подобро разбирање и планирање на вистинскиот свет. 

Според имплементаторот на експертската мисија, Клас ван дер Хок од холандскиот Катастар, Агенцијата за катастар на недвижности е на вистински пат  да воспостави 3Д катастар за три години. - Во однос на 3Д веќе имате многу податоци но само како дводимензионални парцели или како 2Д модел и атрибути. Предизвикот е реалниот свет да се направи видлив и да се визуелизира во системот. Се надевам дека холандскиот Катастар ќе може да ви помогне да го направите вистинскиот чекор, рече Хок.

Холандскиот катастар досега има реализирано пилот проект наречен 2Д делфт, каде меѓу останатите објекти е извршена регистрација на Железничката станица со дополнителен комплекс.

Како што наведе Трпески, воспоставувањето 3Д-катастар претставува тренд на истражување во современите и развиените земји од Европа и генерално во светот. 

- Стремежот за воспоставување функционален 3Д-катастар е последица пред сѐ на високоразвиените пазари на недвижности кои ги менуваат правилата на живеење и потребите од воведување нови пристапи во начинот на регистрација на недвижностите и правата врз нив. Kомплексноста на инфраструктурата и недвижностите во густонаселените области бара соодветна регистрација на правниот статус на недвижностите што во моментов може да се обезбеди само во ограничена мерка од страна на постоечкиот начин на 2Д-регистрација, рече директорот на Катастарот.