Свет
7. April 2016 - 20:26

Каталонскиот Парламент го потврди планот за отцепување од Шпанија

Владеjачките каталонски партии кои се залагаат за независност на Каталонија денеска ја потврдија својата намера овој регион да се отцепи од Шпанија, и покрај тоа што декларацијата за независност беше суспендирана од шпанскиот Уставен суд.

Групата „Заедно за“ и нејзиниот антикапиталистички настроен коалициски партнер ЦУП денеска во регионалниот Парламент во Барселона го потврдија планот за отцепување, пренесува Танјуг..

Парламентот, меѓутоа, ги отфрли повиците на ЦУП до регионалните пратеници и институции, вклучувајќи ја и локалната полиција, да ги игнорираат одлуките на шпанските судови.

Потврдата на планот за отцепување во каталонскиот Парламент е одговор на одлуката на Уставниот суд да ја отфрли првичната најава за „патоказот“ за стекнување независност до 2017 година, што беше одобрен на 10 ноември 2015 година.

Партиите кои го заговараат отцепувањето имаат незначително мнозинство во Парламентот, но овој регион со 7,5 милиони жители е поделен за прашањето на независноста со речиси ист број приврзаници и противници, наведуваат американските медиуми.

Лидерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон, пред три дена изјави дека неговиот кабинет нема да прогласи независност од Шпанија се додека е тој на чело на овој регион, но, истовремено, повика на финансиска автономија на Каталонија.

- Сакаме Влада која ќе разговара и преговара, рече тој за шпанскиот весник „Експансион“, истакнувајќи дека каталонската Влада ќе го почитува  законот и ќе се држи до дијалогот со Мадрид во своите тенденции за отцепување.

За Каталонија да се отцепи потребно е мнозинството од нејзините жители да го одобри новиот Устав, што ќе биде донесен по пат на референдум.

Доколку 7,5 милиони Каталонци го одобрат тој Устав, овој регион може и официјално да ја прогласи независноста од Мадрид.