Свет
5. October 2017 - 11:09

Каталонскиот лидер не се плаши од апсење поради организирањето референдум за независност

Лидерот на Каталонија Карлес Пуџдемон изјави дека не се плаши од евентуално апсење поради организирање на референдумот за независност на неговиот регион од Шпанија.

- Лично не се плашам од такво нешто, изјави Пуџдемон во интервју за германски „Билд“.

- Веќе и не сум изненаден од она што го прави шпанската Влада. Мое апсење е исто така можно, но тоа би бил варварски чекор, нагласува тој.

Владата на Пуџдемон в понеделник ќе побара парламентот да прогласи независност, откако резултатите од референдуот за независност покажаа дека над 90 отсто гласачи се изјасниле позитивно за отцепување од Шпанија.

Засега ниту шпанската Влада, ниту судството не се заканија со негово апсење, но Мадрид го обвинува за непочитување на законите, односно дека го игнорирал Уставниот суд, кој забрани одржување на референдумот. Пуџдемон вели дека референдумот ја покажал желбата на луѓето во Каталонија да ја напуштат Шпанија и нагласува дека ќе продолжи со акциите за сецесија и покарај одлучните изјави од Официјален Мадрид дека тоа нема да се случи.