Македонија
9. January 2018 - 15:32

Касами: Не постојат две движења Беса, има само едно кое работи согласно одлуките

Не постојат две движења Беса, има само едно које работи согласно одлуките донесени на состанокот на Централниот совет во Тетово на 6 јануари годинава, изјави на денешната прес-конференција во Скопје лидерот на движењето Билал Касами.

- Апелирам до сите, ако навистина се дел од движењето Беса, да дојдат и да ги претстават кандидатурите за лидер на партијата согласно определените рокови, да направиме една здрава и демократска трка. Секој што мисли дека има мнозинство во партиските структури може слободно да се кандидира на Конгресот за да стане претседател на движењето Беса, изјави Касами. 

Посочи дека ќе се кандидира за претседател, но дека тоа не му ја гарантира победата и за тоа ќе одлучат делегатите на партијата.

- Нема скопски и тетовски огранок. Движењето Беса има 30 ограноци низ целата држава и сите се во линија на движењето Беса согласно статусот. Нема раскол, има луѓе кои не се задоволни. Затоа ги охрабрувам во процесот да се придржат до статутарните норми, изјави Касами.

Прашан дали ќе има средба со премиерот Зоран Заев, Касами рече дека е заеднички договорена средба денеска во 18 часот во Владата.

- Тоа нема врска со последните случувања. Средбата е договорена претходната недела, изјави Касами.

Тема на средбата, посочи дека се реформите и поддршка на реформскиот тек на Владата во Собранието, каде Движењето Беса има пет пратеници.

Прашан дали е можна коалиција со Владата, рече дека тоа е динамички процес и дека секогаш има можност за влез и излез, но во моментот тоа не е тема.

Во однос на наводите на пратеникот Каремани за закани по живот, Касами рече дека не одобрува никакво насилство и господинот Каремани ја има неговата поддршка и поддршката на членовите на Беса, и дека таквите надводи треба да ги решат органите на редот.