Македонија
20. July 2017 - 15:11

Караџовски: Изборот на судии е законски и транспарентен

Судскиот совет на денешната седница донесе одлука за објавување оглас за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1, на Апелацискиот суд Штип и за основните судови Куманово, Тетово, Дебар и Ресен.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вели дека станува збор за редовна активност бидејќи, според него, не можело да се дозволи застој во работата на судовите.

- Најавени се многу реформи во многу области,  работата на судовите не може да запре. Неспорен факт е дека шест судови работат без претседатели. Ние  објавуваме огласи во континуитет, така и сега. Што ако се распишат локални избори како што се најавени за 15 октомври. Не е в ред нашата работа да биде запрена ако се распишат избори. ДКСК доставува мислење до сите органи и до нас и тоа не спречува. Ние би направиле прекршок доколку во тој период правиме избори. Во тој случај ќе треба да правиме избор по одржувањето на локалните избори. Судскиот совет работи законски, вели Караџоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставовите на дел од експертската јавност дека е индикативно што токму сега се објавуваат огласи за избор на нови судии и претседатели на судови, кога се подготвуваат реформи во правосудството. .

Појаснува дека доколку изборите бидат распишани како што е најавено, целиот процес до избор, ако се совпадне со тој период  на избори на судии би требало да се одржи по одржувањето  на локалните избори. 

Обвинувањата дека огласите се распишуваат од политички причини и оти сака да протурка некои  кандидати  коишто би биле се уште лојални  на претходната власт, Караџовски одговори ги оценува како тенденциозни и политикантски.

Вели дека огласите и целиот процес на избор на судии е транспарентен и јавен. Таков бил и претходниот, а таков, рече ќе биде и овој. Има ранг листа, и јавно се објавуваат бодовите на кандидатите. Вели дека сите постапки на советот се согласно постојната законска регулатива и Уставот. Доколку не се направи изборот на судии, смета Караџовски, тогаш би биле обвинувани за застој и за намерно непополнување на празните судиски места.

Судскиот совет донесе одлука и за распишување оглас за избор на двајца судии во Врховниот суд, четворица во скопска Апелација и еден во Апелацискиот суд Битола. Во Врховниот суд ќе се избираат двајца кривичари. Двајца судии кривичари и двајца граѓански судии ќе се избираат во Апелацискиот суд Скопје. Во битолска Апелација ќе се избира еден судија кривичар.

Огласот, информира Караџовски ќе биде објавен, најверојатно, утре во Службен весник и истакна дека на него можат да се пријават судиите што ги исполнуваат критериумите, за што рече, имаат 15 дена.