Македонија
12. October 2017 - 14:23

Кандидатите за градоначалник на Скопје потпишаа изјава за „Платформата за чист воздух“

Шест од осумте кандидати за градоначалник на Град Скопје денеска ја потпишаа изјавата за почитување на „Платформата за чист воздух“ на граѓанската иницијатива О2 коалиција за чист воздух.

„Платформата за чист воздух“ содржи пакет мерки и барања кои идниот градоначалник на Скопје сериозно ќе ги има предвид и ќе стори се што е во негова моќ да ги реализира во рамки на неговиот/нејзиниот мандат.

Мерките и барањата за Градот Скопје се за чист воздух и здрава животна средина  во градот.

Невена Георгиевска од О2 коалиција за чист воздух изрази задоволство затоа што за барањата добиле поддршка од кандидатите за градоначалник на Град Скопје.

- Ние сакаме да бидеме соработници, а не противници. Немаме намера да излегуваме на протести и да ве повикуваме. Сакаме во сите сегменти на овие проблеми да бидеме вклучени, да бидат проблемите  транспарентно изнесени пред нас и да знаеме кога ви треба помош и од наша страна да се вклучиме, рече Георгиевски.

Од кандидатите за градоначалник на Скопје, како што посочи,  бараат да се обврзат на нивните барања и еднаш засекогаш да го претворат Скопје во современ и зелен град. 

- Сите имаме заедничка цел - решавање на проблемите. Да почнеме да ги решаваме и за четири-пет години да имаме многу помалку барања, рече Георгиевска и додаде дека во барањата има посочено сериозни проблеми и „жешки“ еколошки точки кои се на територија на Градот Скопје.

Изјава за „Платформата за чист воздух“ ја потпишаа Петре Шилегов од СДСМ,  Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорги Тодоров од Народно движење за  Македонија, Ванчо Шехтански од ТМРО, Нафие Селмани од Движење БЕСА и Марија Џонс од Левица. На потпишувањето не присуствуваа Наим Бајрами од Алијанса на Албанците и Беким Фазлиу од ДПА.

Петре Шилегов од СДСМ истакна дека со граѓанската иницијатива О2 коалиција за чист воздух ги здружиле силите во борбата за Скопје да има чиста животна средина, чист воздух и чиста вода  за пиење.

Шилегов најави вонредни мерки за време на грејната сезона кога загаденоста на воздухот е најинтензивен, а во соработка на општините во рамки на Градот Скопје ќе создадат мониторинг мрежа за мерење на загаденоста.

- Ќе изработиме студија во која ќе може да се видат изворите на загаденост и врз основа на таа студија да бидат преземени мерки за да се реши загадувањето на воздухот во градот, рече Шилегов.

Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е првиот градоначалник на Скопје кој ставил мониторинг станица за мерење на воздухот, што ја подигна свеста кај гарѓаните дека загадувањето како голем проблем треба да се решава.

Трајановски изрази надеж дека новата Влада ќе продолжи со гасификацијата, со што ќе се придонесе за намалување на загадувањето во областа на греењето

Марија Џонс од Левица изрази благодарност до О2 коалиција за чист воздух, бидејќи  како што рече, обврска е на градските власти да ги решава еколошките проблеми.

- Со големо задоволство ја потпишав изјавата. Ако ја добијам поддршката од скопјаните ќе ги почитувам сите барања на  О2 коалицијата за чист воздух, рече Нафие Селмани од Движење БЕСА.

Ѓорги Тодоров од Народно движење за Македонија изјави дека доколку стане скопски градоначалник ќе се залага за висок степен за заштита на животната средина, за чист воздух, чиста почва и чиста вода за пиење.

Кандидатот на ТМРО Ванчо Шехтански изјави дека Скопје е единствениот главен град во Европа што нема трамвај.

- Скопје е единствениот главен град во Европа во кој на централно греење е само осум проценти од населението, другите 92 отсто се најголем број на дрва , а остатокот на електрична енергија, додаде тој.

Според него, за да се намали загадувањето централното греење треба да биде раширено низ цело Скопје.

По потпишувањето на изјавата кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов го прекина противкандидатот Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ додека даваше изјава, поканувајќи го на денешната дебата меѓу кандидатите за скопски градоначалник што ќе се емитува на ТВ Телма. Шилегов и Трајановски меѓусебе на прес-конференцијата си разменија обвинувања за тоа кој што направил и што планира за еколошките проблеми во Скопје.