Македонија
24. January 2017 - 16:35

Канческа повика личните интереси да не бидат на штета на националните и културните

Дејствувањето на СДСМ е задоцнето, годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес се носи на ист начин години наназад. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска одговори на обвинувањата на опозицијата за неодговорно и политички мотивирано однесување на министерството кон културните работници. Според Канческа принципот на распределба на средствата е во согласност со законските процедури и прописи со многу јасни критериуми во сите дејности.

-Културата е многу специфична и кога се гледа таа годишна програма мора да се гледа многу аналитично во однос на сите дејности на културата. Не може издавачката дејност да е приоритет во однос на целата годишна програма, затоа што издавачката дејност е еден мал сегмент и тука станува збор за приватни издавачки куќи. Многу е важно годишната програма да се анализира прво врз основ на она што пристигнато како понуда на конкурсот во Министерството за култура, да ја видиме понудата од другата страна и потоа се разбира да ги видиме сите резултати на прифатените проекти во сите области на културата, вели Канческа-Милевска.

Канческа потенцира дека министерството секоја година финансира проекти од национален интерес од сите дејности од областа на културата. Само годинава ќе бидат поддржани повеќе од 2000 проекти од музичко-сценската, издавачката, ликовната, драмската, музејската дејсност, заштитата на културното наследство и меѓународната соработка. По завршување на конкурсот, одлуката кој проект ќе биде реализиран со државна помош ја носи стручна комисија.

- Сите автори од различни области во културата ги доставуваат предлозите во конкретната институција во која сакаат да работат одреден проект, а потоа институцијата аплицира во Министерството за култура и бара финансиска поддршка. Министерството, пак, секоја година во септември го објавува конкурсот за аплицирање, а откако ќе заврши се формираат комисии кои ќе ги разгледуваат предлозите на апликантите. Така за секоја област во културата - издавачка, драмска, музичко-сценска итн. се формираат посебни комисии, се разгледуваат предлозите и се селектираат само оние што ги задоволуваат критериумите. - изјави Канчевска.

Ова го појасни министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во нејзиното гостување на „ТВ Нова“, каде што се дебатираше за резултатите од годишната програма, но и реакциите на оние што се одбиени во истата. Дека секој уметник има шанса да добие поддршка од Министерството за култура, покажуваат и податоците кои се достапни според Законот за информации од јавен карактер. Од податоците јасно се гледа дека во изминатите 10 години, режисерите Слободан Унковски и Владимир Милчин добиле финансиска помош од државата за 8 свои проекти. Министерството за култура поддржало 12 проекти на режисерот Александар Ивановски, 9 на режисерката Зоја Бузалковска, 6 проекти на Нела Витошевиќ и 7 проекти на режисерот Срѓан Јанаќиевиќ.

Особено значајана финансиска помош од државата е издвоена и за режисерот Милчо Манчевски. Преку Министерството за култура и Филмскиот фонд на Манчевски во изминатите 10 години му се исплатени близу 280 милиони денари.

Во однос на издавачката дејност, голема поддршка е издвоена и за издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. За само 4 години Министерството за култура на оваа издавачка куќа и исплатила околу 43.000 евра.

Сите овие информации ги негираат континуираните напади на опозиција на сметка на Министерството за култура и јасно ја покажуваат поддршката на државата кон културните работници и проектите од национален интерес, која од година во година е се поинтензивна.