Македонија
24. March 2017 - 13:43

Кампањата „Јас внимавам“ за поголема свесност за безбедност во сообраќајот

Со доделување ваучери за гориво на совесните возачи во Скопје за кои при контрола на сообраќајната полиција беше утврдено дека возат без присуство на алкохол во крвта официјално почна кампањата „Јас внимавам“ насочена кон зголемување на свесноста за подобрување на безбедноста во сообраќајот што ја спроведува ОКТА во соработка со Министерството за внатрешни работи.

Кампањата ќе трае во текот на годинава и секој месец ќе биде посветен на различна тема од сообраќајот со поддршка од голем број јавни личности и доделување награди за совесните возачи. 

- Преку подигнување на општествената свест за лична и колективна безбедност во сообраќајот, очекуваме да придонесеме кон создавање одржлива култура за побезбедни сообраќајници. За таа цел, за секој месец подготвиме различни теми и настани поврзани со сообраќајните правила, а за најсовесните учесници во сообраќајот ќе следат и интересни награди. Поддршката од голем број јавни личности ќе ни помогне нашата порака да биде уште погласна, додека преку донација на сообраќајни полигони во повеќе училишта ширум земјава, ќе помогнеме за поефикасна сообраќајна едукација на нашите најмили, изјави Јанис Героуланос, главен извршен директор на ОКТА.

Ни претставува особено задоволство, додаде, што Министерството за внатрешни работи ја препозна потребата од ваква иницијатива и безрезервно се вклучи во овој проект.

- Убедени сме дека нивната поддршка значајно ќе придонесе за поуспешна реализација на кампањата. Ако успееме да придонесеме во спречувањето на само една сообраќајна незгода и само една повреда ќе ја сметаме кампањата за успешна, рече Героуланос.

Самостојниот инспектор Драган Велјановски од МВР прача дека Министерството во целост ја прифаќа кампањата на ОКТА заподигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот. 

- Имаме нагорен тренд и зголемување на бројот на случени сообраќајните незгоди со сериозни, па дури и фатални последици. Од овие причини иницијативата на ОКТА за спроведување на национална кампања за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот МВР ја прифати и дава целосна поддршка. Заедно со примена на креативните решенија и едукативниот пристап, веруваме дека ќе направиме значајна и квалитативна промена во безбедноста во сообраќајот, изјавиј Велјановски.

Кампањата стартува со активности кои ќе придонесат за подигнување на свеста за најчесто прекршуваното правило, односно учество во сообраќајот под дејство на алкохол. Секој следен месец ќе биде посветен на некој од најчестите сообраќајни проблеми како неопходноста од користење заштитни шлемови за мотоциклистите и сигурносен појас за возачите на автомобил, возење и зборување на мобилен телефон, возење со препорачана брзина на патот, користење на детско седиште и соодветна зимска опрема.

Според најавите од ОКТА, едукативните сообраќајни полигони ќе бидат донирани во повеќе од 15 основни училишта ширум земјава, а кампањата вклучува и изведување театарска претстава на тема безбедноста во сообраќајот. Воедно, ќе бидат дистрибуирани и боенки со основните сообраќајни правила.