Македонија
27. July 2016 - 11:07

Камерниот оркестар од Битола одржа концерт во Кавадарци

Камерниот оркестар од Битола синоќа одржа концерт во Домот на културата „Иван Мазов Климе” во Кавадарци. На репертоарот беа  познати поп-рок композиции од седумдесетите, осумдесетите и деведесетите години на минатиот век.

Настанот беше од мултимедијален карактер и е дел од “Топлиот културен бран“ во организација на културниот дом, Локална самоуправа Кавадарци и Министерство за култура на Република Македонија.

Станува збор за музичка турнеја на камерниот оркестар, со проектот „Рок симфони“, со незаборавни рок хитови од „Квин“, „Ди парпл“, „Лед цепелин“ и други незаборавни рок мајстори..

- Ова ќе биде, се надеваме, нашиот најуспешен  проект    на кој учествуваат над 25 учесници, рече  Владимир Димовски, координатор на оркестарот.

Владимир Темков, директор на домот на културата, нагласи дека ова е еден од првите големи културни случувања во рамки на „Топлиот културен бран“ во Кавадарци,  а ќе следуваат уште неколку значајни настани кои го заслужуваат вниманието на јавноста.

Во Кавадарци следуваат големи културни случувања, најави и кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.

- Тука се џез фестивалот и ликовната колонија, па  големите настани од културата кои ги подготвуваме за време на “Тиквешки гроздобер 2016” година и за 7-ми Септември, денот на ослободувањето на Кавадарци, изјави Панов.