Свет
6. November 2016 - 12:37

Како да се најде нов германски претседател?

Дојче веле - Бон

Големата стратешка игра околу наследникот на Јоаким Гаук почна. Порано од очекуваното. Шефот на социјалдемократите Зигмар Габриел не можеше да издржи. Објави дека Франк Волтер-Штајнмаер, министер за надворешни работи требало да биде претседателски кандидат на СПД. Дали ова беше политички гаф, неспретност? Не. Тоа беше шаховски потег. Имено, состојбата е ваква: постои коалициски договор. Според него партиите на власт ЦДУ, ЦСУ и СПД сакаат да најдат заеднички кандидат. Но, Габриел тој план сега го обелодени. 

И тоа не е првпат. Уште пред повеќе од две недели, Габриел го испитуваше теренот кај Зелените и Партијата на левицата, дали овие партии заедно со СПД би ја избрале за претседателка Маргот Касман. Тоа што е заедничко за поранешната претседателка на Евангелистичката црква во Германија и министерот за надворешни работи е тоа дека се познати на широката јавност и омилени. Тие на директните избори секако би имале шанса. 41 отсто Германци, како што покажуваат анкетите, актуелниот министер за надворешни работи би сакале да го видат на местото претседател. Толкава поддршка не уживаше никој друг.

Народот би избрал поинаку

Но германскиот претседател на го избира народот, туку го бира Сојузното собрание. А тука важат други закони. Кандидатите не водат предизборна кампања, тие едноставно се именуваат и потоа избираат. Од тие кои имаат мнозинство или сакаат да го остварат. Сепак таквите мнозинства не се организираат јавно, туку во тајност, тоа шефот на СПД всушност треба да го знае. Посебно, бидејќи изборот за претседател се одржува половина година пред парламентарните избори. И тука е се само уште стратегијата. Барањето на мнозинство во Сојузното собрание поради тоа важи како планска игра и тест за идните коалициски опции.

Значи не смее да се верува дека Зигмар Габриел е наивен. Тој сака да се профилира и едноставно врши притисок. Пред се на Ангела Меркел, која порано беше многу посилна, а за да воведе ред и дисциплина внатре во коалицијата. Габриел сака да забележи поени кај гласачите кај кои Штајнмаер ужива углед. Сепак Унијата, која именува околу 40 отсто луѓе во Сојузното собрание, орган кој го бира претседателот, од разбирливи причини не сака да предложи кандидат на СПД. Од една страна. Од друга страна, Штајнмаер би бил прифатлив кандидат и за конзервативците. Се до неговите политички ставови кон Русија. Но Унијата пред се ја налутија постапките на шефот на СПД, бидејќи членовите на коалицијата прво интерно треба да се договорат за кандидатите. Се друго ја уништува довербата.

Покрај сето тоа доаѓа и следното: ретко кога порано германското општество политички било толку вознемирено како сега под притисок на бегалската политика, јакнењето на Алтернативата за Германија и дестабилизацијата на Европската унија. Новиот човек или новата жена во резиденцијата на германскиот претседател мора да има бројни способности: мора да знае да балансира и интегрира, да го разбере духот на времето и да биде добар реторичар. Стајнмер би бил некој таков. Но и Норберт Ламерт, актуелниот претседател на Бундестагот. Исто така Андреас Воскуле, претседател на Сојузниот уставен суд. Меѓутоа, двајцата како и некои други респектибилни лица, тоа го одбија.

Никој не сака да биде губитник

Сето тоа не е само за жалење, туку и разлутува. Бидејќи пребрзото прогласување на кандидат на отворениот пазар пред се ги растерува „добрите”, тие кои би биле најсоодветни за оваа позиција. Кој уште ќе настапи како кандидат, ако неговиот избор не е сигурен? Токму тоа се поттикнува со задкулисните ритуали. Демократијата би победила ако двајца врвни кандидати од големите политички табори би настапиле еден против друг. Јоаким Гаук, кога во 2010 година изгуби од Кристијан Вулф, немаше никакви негативни последици.

Тој во дворецот Белуви се всели малку подоцна, во вториот обид. И Ричард вон Вајзекер во 1974 година изгуби во трката со Валтер Шел, а потоа во 1984 година беше избран за претседател. Значи треба поголема храброст за пораз или во најмала рака за ризик. Бидејќи, којзнае: во третиот решавачки круг на гласањето во Сојузното собрание при избор на претседател, доволно е и едноставно мнозинство за победа.