Свет
1. јуни 2017 - 8:47

Јункер: Враќањето на смртната казна во Турција ќе значи крај на преговорите за влез

Европската унија треба да ги продолжи преговорите за влез со Турција, но враќањето на смртната казна несомнено ќе стави крај на процесот, изјави вчера претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Турција ја укина смртната казна во 2004 година во рамки на кампањата за членство во ЕУ. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе го одобри враќањето на смртната казна, доколку Парламентот ја одобри таа мерка или ако таа е поддржана на референдум. 

Во Берлин, на дебата со студенти за иднината на Европа Јункер изјави дека е против стопирањетпо на преговорите со Турција во моментов.

Според Јункер европските претставници треба да продолжат да се обидуваат да ја убедат Турција дека во нејзин сопствен интерес е да се реформира и да се движи кон ЕУ, наместо да и врти грб на Европа и нејзините вредности. 

- Не знам дали Турција некогаш ќе стане членка на Унијата, нагласи Јункер.

Тој посочи дека во долг разговор со Ердоган недоамна дал на знаење дека враќањето на смртната казна ќе биде „црвената линија“ во преговорите за влез.

Ердоган минатата недела во Брисел се сретна со Јункер и со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Пo разговорите турскиот претседател изјави дека добил нова едногодишна програма за обновување на односите.