Балкан
15. October 2015 - 11:35

Јункер ја повика Грција да прифати заеднички патроли со Турција во Егејското море

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја повика Атина да ја преиспита својата одлука со која одби формирање заеднички патроли на грчки и турски бродови кои би патролирале во Егејското Море, со образложение дека „тоа е европски проблем, а не проблем на грчко-турските односи“.

Повикот е упатен еден ден откако грчкото Министерство за надворешни работи ја отфрли идејата за заедничко патролирање во водите на Егејското Море, со цел да се контролира бегалскиот бран и да се спасат животи на мигрантите.

Во своето обраќање пред Европарламентот во пресрет на денешниот дводневен самит на ЕУ, Јункер изјави дека заедничкото патролирање на воено-поморските сили на двете земји ќе биде „многу корисно“ за Егејското Море.

Тој го опиша Турција како „важен, иако тежок партнер“, за кого заедничките патроли ќе бидат решавачки со оглед на тоа што земјата е врата кон Европа на бегалците. Тој смета дека Анкара е подготвена за заедничките патроли.

Слична позиција неодамна изрази и германската Влада преку својот портпарол Штефан Зајберт. Тој ги повика Грција и Турција да ги координираат напорите во Егејското Море и надворешните граници на ЕУ, за да се стави крај на активностите на трговците со луѓе.

Бегалската криза е главна тема на дводневниот самит на ЕУ кој почна денеска во Брисел.