Балкан
26. May 2016 - 12:29

Јункер ги отфрли заканите на Ердоган за блокирање на спогодбата за мигрантите

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска ги отфрли заканите од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за блокирање на спогодбата за мигрантите, соопштија француските медиуми

- Од Турција очекуваме да ги почитува своите обврски, а заканите не се најдобриот дипломатски инструмент што може да се користи, изјави Јункер во изјавата од самитот на Г-7 во Јапонија.

- Што се одесува до Турција, јас сум убеден дека оваа спогодба ќе ги даде своите резултати и таа веќе ги дава, додаде тој.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја предупреди ЕУ дека турскиот Парламент ќе ја блокира примената на спогодбата за мигрантите доколку нема никаков напредок во прашањето за укинување на визите за турските државјани.

- Доколку до 30 јуни не биде постигнат никаков резултат по прашањето за визите, никакво решение, никаков закон во рамки на примената на спогодбата за реадмисија (на мигрантите), нема да биде донесен од Парламентот на Република Турција, изјави Ердоган на прес-конференцијата на 24 мај во Истанбул, во рамки на Светскиот самит за хуманитарни прашања.

Спогодбата за укинување на визите за турските државјани при патувањата во Шенгенскиот простор, со важност од крајот на јуни, е дел од пошироката спогодба Турција-ЕУ за мигрантите, што овозможува намалување на приливот на нелегални мигранти кон Европа.

Но, воведувањето безвизен режим за Турција од 1 јули е се помалку веројатно, откако Ердоган се спротивстави на олабавувањето на турскиот антитеористички закон, што е еден од вкупно 72-та услови на Брисел.

ЕУ бара Анкара да го смени овој широко толкуван антитерористички закон заради обвинувањата дека тој се користи за оправдување на репресиите против политичките опоненти или новинарите кои ја критикуваат владата.

Ердоган, меѓутоа, изјави дека Турција не може да го смени овој закон во момент кога се бори против заканите од Исламска држава и курдските борци.

Германскиот канцелар Ангела Меркел вчера ја потврди неопходноста од исполнување на сите критериуми пред да се пристапи кон визна либерализација.