18.04.2014 - 17:38 |
Последна промена пред 25 мин 9 сек

Languages

ЈП „Македонски шуми“ вработува 1.600 лица од ранливи категории

Почна реализацијата на владиниот проект за вработување лица од социјално ранливи категории во јавниот сектор. Денеска е објавен огласот за вработување 1.600 лица во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, на кој сите кои припаѓаат во овие категории имаат еднакви можности и шанси за вработување.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев информира дека огласот трае до 22 јуни годинава и дека на него може да се јават сите лица кои ги исполнуваат условите, се долгорочно невработени лица со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен. За сите категории се предвидени по 400 вработувања.

- Владата има изразена политичка волја дека на овој оглас сите лица кои ги исполнуваат критериумите се добродојдени, сите имаат еднакви шанси и можности. Нема да постои дистинкција по ниту еден основ, а секој обид за лобирање и протекционизам ќе се смета за негативно, рече Ѓорѓиев. 

Тој додаде дека нивната желба за вработување и интенција ќе се реализира така што тие треба да аплицираат и тоа не само за местата што постојат во систематизацијата на Македонски шуми, туку и врз основа на своите перформанси и за вработување во оснанатите државни институции, бидејќи откако сите лица ќе бидат вработени во Јавното претпријатие, врз основа на искажани потреби од други државни институции лицата ќе бидат повлекувани во нив.

Како што додаде, досега имаат добиено податоци од институциите за потреба од ангажирање дактилографи, стенографи, чувари, обезбедувачи на објекти, курири, доставувачи на пратки,  советнички, соработнички места и слично. 

Сите лица, појасни Ѓорѓиев,  може да аплицираат и во соодветна процедура ќе бидат повлекувани во други институции.

Во претпријатието постои програма и систематизација за прием на овие лица, а обезбедени се и средства за покривање на нивните потреби.

Според објавениот оглас ќе се ангажираат 976 лица со ниско квалификувани од кои по 244 во секоја од категориите, 476 лица со средно образование или по 120 лица во секоја од категориите и 152 лица со високо образование или по 32 лица во рамки на секоја од групите.

Изборот на кандидатите, како што информира Ѓорѓиев, ќе се врши врз основа на бодување на критериумите. При тоа за долгорочно невработените лица по 40 бодови ќе носат приходите на домаќинствата и годините на невработеност, а 20 бодови годините на стаж потребни за стекнување пензија. Кај лицата од многудетни семејства по 40 бодови ќе се добиваат за бројот на децата во семејството и приходите на домаќинството, а 20 бодови дали се самохрани или еднородителски семејства. Кај категоријата самохрани родители и еднородителски семејства 50 бодови ќе се добијат за приходите од домаќинството и по 25 за бројот на децата во семејството и годините на невработеност. Кај невработените лица од семејства каде нема ниту еден вработен по 40 бодови се добиваат за приходите од домаќинството, бројот на децата во семејството и бројот на членови на семејството. Ѓорѓиев посочи дека лицата приматели на социјална помош ќе бидат бодирани како да немаат никаков приход.

При изборот за вработување ќе се води сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на заедниците во Република Македонија. Пријавувањето е едноставно. Лицата треба да достават апликација, документ за завршен степен на образование и државјанство на Република Македонија. Сите останати документи ќе бидат обезбедени од страна на државните институции по службена должност.

Портпаролот апелираше до лицата што ги исполнуваат критериумите да се охрабрат и да конкурираат, да бидат мотивирани и сигурни во својот потенцијал бидејќи овие работни места, како што рече, се наменети токму за нив и треба да ги добијат. 

Бизнис