Ракомет
16. October 2017 - 14:40

Јовиќ: Резултатот е во втор план

Ракометарите на македонскиот вицепрвак Металург по двете успешни гостувања во Лигата на шампионите во кои освоија три бодови (нерешено и победа) во среда се враќаат на обврските во СЕХА лигата. Металург е домаќин на словенечката екипа Горење Велење.

-  Дуелот со Горење е вистинскиот тест за нашата екипа пре неделата на ЕХФ. Наши главни цели на секој натпревар ни се: во одбрана да играме борбено, да не се штедиме; во напад трпеливо до стопроцентна шанса и да се почитуваме себеси, клубот, колегите и публиката. Резултатот е во втор план, изјави на денешниот прес тренерот Александар Јовиќ.
Еден од најзаслужните за саботниот триумф на гостувањето кај Чеховски Медведи во ЛШ беше голманот Мартин Томовски.
- Горење ни е познат ривал од минатата година кога имавме победа и пораз. Верувам дека со цврста одбрана и сигурен напад ќе стигнеме до посакуваното ниво за триумф и заедно со навивачите да ја прославиме победата.
Дуелот Металург - Горење се игра во среда во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:45 часот.