Бизнис
9. November 2017 - 13:09

Јовановиќ: Се размислува за промени и во данокот на добивка

Покрај најавеното воведување прогресивно оданочување на персоналниот данок на доход Владата размислува и на промени кај данокот на добивка, но не и за воведување прогресивна стапка.

Бранимир Јовановиќ, советник во Кабинетот на министерот за финансии, вели дека дефинитивно се размислува и се подготвуваат промени кај данокот на добивка. Според него, кај данокот на добивка има многу поважни работи, отколку прогресијата, односно дека стапката не е толку битна, колку што е важно како да се регулира намалувањето на даночната основица.

- Во програмата на Владата тоа не е ставено, но дефинитивно се размислува за промени и кај данокот на добивка. Воведувањето на прогресивен данок на добивка во моментов не е толку важно, како што се важни некои други работи кај него. Данокот на добивка е многу посложен од персоналниот данок на доход и заради тоа што компаниите имаат многу можности за намалување на основицата и за избегнување на т.н. повисока стапка и заради тоа прогресивниот данок на добивка не е приоритет кога се разгледуваат опциите за промена на данокот на добивка. Но, дефинитивно се размислува за промени. Не само што се размислува, туку имаме и препораки од меѓународни организации, и од стопански комори, што е можеби зачудувачки, изјави Јовановиќ одговорајќи на новинарски прашања на „Конференцијата за „Мониторирање на јавните финансии во Република Македонија“ организирана од организацијата „Аналитика“.

Не навлекувајќи во детали што би опфатиле промените, рече дека едно горливо прашање се трансферните цени.

- Компаниите, појасни, имаат можност да книжат услуги помеѓу поврзани субјекти по т.н. трансферни цени и на тој начин ја намалуваат даночната основица. Така што тоа е едно горливо прашање и мора да се адресира. Имавме и мисија со ММФ во врска со ова прашање и оваа промена мора да се направи ургентно.

Истакна дека има и друг проект, што е меѓународна иницијатива и, исто така, се однесува на спречување на можноста компаниите да ја намалуваат даночната основица.

И невладините бараат итни реформи во даночната политика, но кои нема да се однесуваат само на воведување прогресивна стапка кај персоналниот данок на доход, туку и на данокот на добивка кај фирмите.

Бојана Христовска од Тинк тенк организацијата „Аналитика“ вели дека не треба да се воведе само прогресивно оданочување на персоналниот данок, туку конечно тука да дојдат и фирмите, затоа што банките од година во година рушат рекорди во остварени приходи.

Нееднаквоста во светот секаде се зголемува и Македонија е на најлошо можно ниво и според доходовната нееднаквост и според нивото на сиромашитја.

- Итно се потребни реформи да се напушти ерата на даночни раеви, што уште повеќе ја подгреваат кризата на нееднаквост и значат одлевање средства особено од сиромашните држави. Да се напушти моделот на рамни даноци и огромни даночни ослободувања и веднаш да се спроведе даночната реформа, со акцент на прогресивно оданочување. И тоа кај добивката, изјави Христовска. 

Таа потенцира дека главната порака е да се оданочат профитите. 

- Секаде во светот, како и на Балканот, постојат фрапантни податоци дека најголемите компании не само што не ги плаќаат законските даночни стапки, туку дури добиваат поврат од државата. Пример за тоа е Унгарија, каде доколку даночната стапка на добивка е девет проценти, најголемите 10 компании плаќаат само 0,5 проценти. Дајте еднаш засекогаш да прекинеме со овие практики, рече таа.

Христовска порача дека реформите во даночната политика треба да одат заедно со реформите во социјалната политика, при што треба да се воведе минимален гарантиран доход на најранливите категории граѓани, да се направи вистинска социјална карта на социјално загрозените, а субвенциите да престанат да имаат социјален карактер и да почнат да ја добиваат онаа развојан компонента.

Порачуваат дека треба да се покрене и даночниот морал во земјата при што државата тука има главна улога, бидејќи моралот се покрева кога граѓаните знаат зошто плаќаат даноци.

„Аналитика“ денеска на конференција ги претстави заклучоците од истрашувањето „Мониторирање на јавните финансии во РМ“ во областа на јавната инфраструктура, јавен долг, јавни-приватни партнерства и праведно оданочување.