Тенис
2. July 2016 - 21:58

Јотовски и Лазов победија и на вториот фјучрс во Скопје

Македонско-бугарската комбинација Томислав Јотовски и Александар Лазов победија и на вториот фјучрс турнир одржан во Скопје на терените на „Тенис парк“. Тие во финалето ги совладаа првите носители Либор Сабала (Чешка) и Нино Сердарушиќ (Хрватска).

Првиот сет Јотовски и Лазов го добија со 6:2 во гемови, а нивните ривали беа подобри во вториот сет со 6:3. Во решавачкиот беше 10:6 на поени за Јотовски и Лазов.
Ова за оваа двојка е втора турнирска победа по ред на два фјучрса, а вкупно трета заедничка бидејќи имаат еден триумф и во 2015 година на турнир во Србија. 
За Јотовски ова е шеста титула во двојки во кариерата.
Вториот фјучрс турнир ќе заврши утре откако најпрвин во 10 часот е закажано продолжението на првото полуфинале: Александар Милер - Александар Лазов 4:4 резултат во првиот сет, а потоа е вториот полуфинален дуел меѓу Македонецот Димитар Грабул и Кристијан Месарош.
Финалето е закажано за 17 часот.