Македонија
18. April 2016 - 11:28

Јолевски: Обемот на мигрантската криза ги надмина сите предвидувања

Потребно е да имаме сеопфатна стратегија во која ќе биде вклучено создавање подобри услови за мигрантите во земјите кои се непосредни соседи на Сирија и Ирак, односно Турција, Либан и Јордан, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски во интервју за Гласот на Америка, по Конференцијата во Вашингтон, САД, посветена на мигрантската криза.

Договорот ЕУ-Турција, додаде министерот, е значаен чекор, а деновите по неговото постигнување покажуваат дека приливот на мигранти се намали. Министерот потенцира дека сепак станува збор за глобална мигрантска криза која ги надмина сите можни предвидувања во однос на нејзината големина.

На прашањето за тоа колку средства се трошат од буџетот на Министерството, односно Армијата, министерот истакна дека доколку трошоците се одржат на моментално ниво, до крајот на годината само за трошоци за војниците ќе бидат потрошени околу осум проценти од буџетот, за што подвлече дека е голем трошок за Министерството.

Во интервјуто, министерот рече дека фактот оти голем број мигранти се само на неколку стотина метри од границата создава тензии меѓу нив, што пак стимулира одредени чекори од нивна страна кои не се добри за сите.

- Одредени невладини организации на некој начин ги стимулираа мигрантите да ги направат овие чекори кои што не се добри ниту за нив, за нивниот имиџ, но не се добри ниту за Македонија и Грција на која граница и се, наведе министерот Јолевски.