Свет
20. January 2016 - 17:23

Јоаким Гаук: Мора да се ограничи приливот на бегалци

Германскиот претседател Јоаким Гаук денеска изјави дека е „морално и политички одговорно“ да се ограничи приливот на бегалци во Европа, бидејќи во спротивно теренот ќе им се препушти на популистите и екстремистите. 

- Неопходна е стратегија за ограничување, со цел да се зачува способноста на државата да функционира, но и да им се даде потребната помош на мигрантите, објасни Гаук за време на Светскиот економски форум во Давос.

Тој нагласи и дека драстичните акции, како што е целосно затворање на вратите за бегалците, не е опција.

- Стратегија на изолација не е исто како и стратегија за поставување ограничувања, додаде Гаук.

Германската канцеларка Ангела Меркел, исто така, ги отфрли повиците за затворање на германските граници и наместо тоа вети „опипливо намалување“ на приливот во следните месеци, сметајќи на спроведување повеќе мерки кои се донесени на национално и европско ниво.