Свет
6. December 2016 - 9:34

Ји: САД го поддржуваат Дејтонскиот мировен договор

САД, како еден од гарантите на Дејтонскиот мировен договор остануваат приврзани кон моделот на сувереност и територијален интегритет на БиХ, но потребно е во земјата да се реформира изборниот систем, изјави заменик помошникот на  американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји.

-Владата во БиХ не функционира на ниво на кое може да ги задоволи потребите на луѓето и не може да обезбеди ниво на безбедност и просперитет кои и се потребни, рече Ји пред новинарите во Загреб.

Танјуг пренесува дека Ји смета дека реформскиот процес ќе ги поттикне промените во законодавството, кои на крајот ќе бараат и промена на Уставот:

-Но не тргнуваме од тоа дека промените на законите или на Уставот ќе бидат цел сами по себе, рече Ји.

Тој смета дека е потребно да се разговара со првите луѓе во БиХ и во двата ентитета и во централните раководства за тоа како да се постигне тоа ниво на функционалност.

Ји кажа дека САД сакаат да разговараат со партнерите во  ЕУ, вклучувајќи ја и Хрватска, и со Хрватите, Србите и Бошњаците во БиХ за тоа што сметаат дека е неопходно и можно да се стори пред изборите во есента 2018 година. 

-Според наше мислење, ќе биде многу несреќен факт доколку националните избори повторно да се одржат според истите правила, рече американскиот претставник.

Зборувајќи за проблемот на радикализација, тој оценува дека тоа не е само нешто што се случува во БиХ, туку во целиот регион и во Европа, пренесе Хина.

-Овој феномен се засилува. Понекогаш тој е поврзан со религијата, а понекогаш не. Какви и да се изворите за радикализмот, постои закана за стабилноста на земјите во регионот, посебно во земјите со слаби инсититуци, рече Ји.