Македонија
23. January 2018 - 16:32

Јавниот обвинител побара партиите да не му се мешаат во работата

Политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во работата на јавните обвинители. Првиот човек на обвинителството Љубомир Јовески писмено одговори на обвинувањата по вчерашниот протест на кој 100-тина граѓани побараа да не се преквалификува делото за смртта на малиот Алмир од убиство во сообраќајна несреќа со смртни последици. Јовески потенцира дека јавните обвинители работата исклучиво врз основа на закон и прибавени докази.  

  Со моето доаѓање на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија ветив дека одлуките нема да се носат врз основа на желби на партиските штабови или центри на моќ. Професионализацијата и враќањето на довербата во Обвинителството ми се основни принципи при вршењето на оваа одговорна функција.

Во писмената изјава Јовески ги повикува и власта и опозицијата да ги почитуваат заложбите за самостојност на Обвинителството и вистински реформи во правосудниот систем.

Ве уверувам дека и за трагичниот настан, во кој животот го загуби четиригодишниот Алмир Алиу, се постапува неселективно, непристрасно, професионално и врз основа на законот.

Исто така, апелирам при коментирањето и оценките за конкретниот кривично-правен настан, да се земат предвид сите докази и факти од целиот настан. Само со целосна анализа на доказите се утврдува материјалната вистина и кривичната одговорност. Политичките субјекти доколку се сомневаат или имаат забелешки на мојата професионална работа можат да побараат мое разрешување. Додека ја вршам фукцијата Јавен обвинител на Република Македонија, сторителите ќе бидат третирани врз основа на фактите и стореното кривично дело, а не врз основа на етничка или партиска припадност, вели Јовески.

Ден по одржаните протести, утрово повторно се одложи судењето за смртта на малиот Алмир. Обвинетиот Бобан Илиќ беше спроведен во кумановскиот суд, но по барање на адвокатот на семејството, рочиштето е презакажано за 6-ти февруари. 4-годишниот Алмир пред две години беше прегазен по расправија за ред во кумановската болница помеѓу сега обвинетиот Бобан Илиќ и семјествтото на детето.