Балкан
23. September 2015 - 18:53

Јавниот долг на Хрватска расте 58 евра во секунда

На главните загрепски плоштади наскоро ќе се појави LED дисплеј кој ќе ја прикажува состојбата на јавниот долг во реално време. Освен јавниот долг, на граѓаните „Бројачот“ ќе покажува колку е јавниот долг по жител и јавниот долг по вработен, објави хрватски Тпортал.

Според последните податоци, хрватскиот јавен долг, што до крајот на 2015 година може да достигне критична точка од 90 отсто од БДП, расте со брзина од 443,66 куни во секунда и до денес порасна околу 290 милијарди куни. Секој жител на Република Хрватска е задолжен за над 67.000 куни, а секое вработено лице над 187.000 куни. Тоа е истакнато денеска на претставувањето на јавниот долг на првиот „Бројач на јавен долг“, што го замисли Здружението на даночните обврзници Липа, во изборната година да ги потсети граѓаните на сериозноста на состојбата и да ја поттикне власта за нејзино решавање.

Вук Вуковиќ, креатор на Бројачот, инаку професор на Загрепското училиште по економија и менаџмент ЗШЕМ, истакна дека хрватскиот јавен долг во кризните седум години порасна за 2,5 пати достигнувајќи 85 отсто од БДП. Со тој процент Хрватска е најзадолжена меѓу транзициските земји.

„Во Хрватска на дело е фискален авантуризам кој се темели на идејата дека утре сигурно ќе биде подобро“, оцени аналитичарот Велимир Шоње, укажувајќи на бројни ризици кои можат да доведат до банкрот на државата.

Шоње потенцира дека постојат многу истражувања кои покажуваат дека високото ниво на јавниот долг негативно влијае на економскиот раст. Според негово мислење, високиот јавен долг во Хрватска произведува негативни ефекти како високи каматни стапки, истиснување на инвестициите во приватниот сектор и сл.

Поради тоа се залага за јавниот долг да се зборува преку факторот за безбедност. За него задоволително ниво на јавниот долг, на кое би биле избегнати можни шокови е 30 отсто од БДП, што значи дека постоечкото ниво на долгот треба да се намали за три пати.

Бројачот на јавниот долг во следните месеци ќе може да се види на шест ЛЕД екрани, два на плоштадот бан Јелачиќ и по еден на Цветниот плоштад, Максимирска улица и на Врбани. 

1 куна чини 0,131 евра.