Фудбал
18. August 2017 - 10:27

Јаневски: Ги казнивме грешките на противникот

Вардаровиот шеф на стручниот штаб Чедомир Јаневски, на прес-конференција ги искажа своите импресии од натпреварот со Фенербахче и триумфот од 2:0 на екипата на Вардар. 

„Резултатот е добар за нас, ова е една убава победа. Сакам да им честитам на играчите кои што вечерва играа со срце, како и на навивачите кои направија добра атмосфера и ни даваа поддршка која многу ни значи. Мораме да признаеме дека постигнавме голови по грешки од противникот и дека имавме многу среќа. Колку што Вардар немаше среќа на дуелот со Копенхаген, сега на некој начин се врати. Оваа победа ни носи една добра и позитивна атмосфера“, вели Јаневски. 

Сепак, тренерот на Вардар напоменува дека тимот го чека тежок реванш меч во Истанбул и дека ќе мора да се даде максимум и на тој дуел. 

„Не треба да мислиме дека сме ја завршиле работата и дека сме веќе во групите од Лигата на Европа. За реваншот ќе треба да мислиме да постигнеме гол. Ако тоа го сториме, не верувам дека ќе примиме четири. Не чека една добра атмосфера таму, да кажам „пекол“, но јас верувам во играчите кои имаат големо искуство со играње на такви натпревари и верувам дека ќе направат се да се мине ова и да се влезе во групната фаза која што сите ја посакуваме. Сега најпрво ќе треба да мислиме на натпреварот во првенството, а дури потоа ќе размислуваме за реваншот со Фенербахче“, потенцираше Јаневски на прес-конференцијата.