Македонија
27. July 2017 - 15:48

Јакимовски: Договорот со Бугарија е целосно негаторски за Македонците

Лидерот на ГРОМ Стевче Јакимовски денеска на прес-конференција изјави дека договорот за добрососедство со Бугарија е целосно негаторски за Македонците во сите клучни сегменти и оти премиерот Зоран Заев сака да го подметне како кукавичко јајце.

- Прашуваме: од каде толкава радост кај бугарската јавност од потпишувањето на овој контроверзен договор?! Нивната радост доаѓа од негаторскиот триумф кој вешто е „спакуван“ во договорот за добрососедство со Македонија, вели Јакимовски.

Според него, во договорот никаде не се споменува македонскиот народ, кој, вели, според двете влади, како да не постои, а со договорот, додава, се откажуваме од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија. бидејќи, во неговите формулации, рој гледа  трик во кој стои „ грижа за нашите државјани во соседството“.

- Господине Заев да ви појасниме: Македонците во Пиринска Македонија не се македонски, туку бугарски државјани,а според договорот вие треба да се грижите за македонските државјани кои речиси ги нема во Бугарија. Тоа практично значи дека вие се грижите за празно множество или исклучиво за туристите -македонски државјани кои се рашетуваат или се на одмор во Бугарија. Во овој контроверзен договор тотално се негира македонскиот јазик.. Тој се споменува најдолу во потписот на двете влади во делот каде што се вели дека договорот ќе се потпише според јазикот во Уставот, на македонски јазик. Токму тука е целосното негирање. или тоа значи дека ние имаме јазик само затоа што имаме Устав? Дали ако немаме устав-немаме ни јазик!, посочува лидерот на ГРОМ.

Јакимовски оценува дека најголемиот удар, треба да ни го нанаесе т.н. Комисија за утврдување на фактите за заедничката историја, бидејќи, како што рече, ако имаме заедничка историја се остварува тезата која долго се пласирала од Бугарија за „еден народ , две држави.“