Македонија
16. January 2018 - 16:22

Извештај на Фридом Хаус: Македонија е делумно слободна земја

Македонија останува држава со делумна слобода во најновиот извештај  на Фридом Хаус. , со забелешка дека случувањата во земјава оваа година треба да се следат.

Македонија се наоѓа на 113 место од вкупно 209 држави и територии во светот со рејтинг од 58 поени на скалата од 0 до 100. Во споредба со земјите во окружувањето, послободни сме само од  Косово и Босна и Херцеговина, додека сите останати држави во регионот имаат повисоко ниво на слобода.

Во извештајот, Македонија е ставена во листата на земји кои „треба да се следат“, бидејќи се движат „кон некои значајни пресвртници во нивните демократски правци“ и заслужуваат „посебно внимание“ во текот на 2018 година.

„Демократски избраната, етнички инклузивната влада се залага за искоренување на корупцијата и другите системски злоупотреби кои се влошуваа под нивните претходници зафатени во скандали, а дури може да го разреши долгогодишниот „спор околу името“ со Грција кој стои на патот на државата кон членство во Европската Унија“, стои во делот посветен на Македонија.

Извештајот на Фридом Хаус е насловен „демократијата во криза“ и во него се потенцира дека „политичките права и граѓанските слободи низ светот се уназадени до најниската точка во последната деценија, продолжувајќи со периодот карактеризиран од охрабрени автократи, проблематични демократии и повлекувањето на САД од улогата на лидер, во глобалната борба за човековите слободи“.

Во извештајот  88 држави во светот се карактеризирани како „слободни“, 58 се „делумно слободни“, додека 49 држави, во кои живеат 2,7 милијарди луѓе или 37 проценти од светската популација, се „неслободни“.

На првите три места на  најслободни земји се наогаат  Финска, Норвешка и Шведска, додека Јужен Судан, Тибет и Сирија се на последните три места.