Македонија
20. February 2018 - 10:04

Измените на Законот за медиуми на дневен ред на владината седница

Предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се на дневен ред на денешната 55-та седница на Владата на Република Македонија.

Министрите ќе ги разгледаат и предлог-измените на Законот за основање на јавното претпријатие Македонска радиодифузија.

На предлог на Министерството за правда, пред министрите ќе се најде и Предлог законот за бесплатна правна помош.

На денешната владина седница ќе биде разгледана и информацијата за реализација на Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2014-2020 година, финансискиот план на Централниот регистар за годинава, Годишната инвестициска програма на АД МЕПСО, како и програмата за инвестиции за периодот 2019-2022 година на истата компанија во државна сопственост.

На дневен ред е и информацијата за спроведените активности за промоција на концептот на општествена одговорност на претпријатијата преку доделување на награда за најдобри општествено одговорни практики во 2017 година.

Министерството за внатрешни работи ќе ја презентира информацијата за спроведување на мерките за ограничување и забрана на сообраќајот во услови на надминување на прагот на алармирање и зајакнување на контролата на издувните гасови од возилата при нивна регистрација во техничките станици.