Македонија
16. November 2017 - 15:16

Измени на Законот за заштита на сведоци за поголема ефикасност на СЈО

Владата на Република Македонија ќе предложи измени на Законот за заштита на сведоци со кои се обезбедуваат услови за поголема автономија и ефикасност на Специјалното јавно обвинителство.

Одлуката е донесена на вчерашната владина седница, а предлог-измените се дел од итните реформски приоритети поврзани со правосудството. 

- Целта на оваа измена да се обезбедат услови за поголема автономија и ефикасност на СЈО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, истакна денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Предложените измени, велат од Владата, се направени во консултација со Специјалното јавно обвинителство. 

Уште минатата година во јануари СЈО го покрена ова прашање, но сите обиди да биде донесен ваков закон во Собранието, беа неуспешни.