Македонија
24. May 2017 - 8:43

Изложба на скулптури од Александар Ефтимовски

Во Галеријата за современи уметности FLUX  во Скопје од денеска до 30 мај ќе биде отворена изложба на скулптури „Спонтан израз“ на уметникот Александар Ефтимовски.

- „Спонтан израз“ е изложба посветена на случајноста, бидејќи уметноста е случајна, а заедно со неа случајни се и ефектите кои ги оставаат самите алатки. За една скулптура да биде цела или комплетна, клучен е изборот на материјал, димензија, композиција, а секако и ликовните елементи, соопшти галеријата. 

Ефтимовски е млад автор кој основите на своето творештво ги стекнал на академиите во Италија. Карактеристично за неговите дела се чистите плоснати површини, острите агли и перфорациите.

- Особено впечатливи се засеците кои авторот ги одзема од самата компактна форма. Во последно време Ефтимовски е посветен на изработка на скулптурални објекти од голем формат на европските и светските симпозиуми на скулптура, наведува организаторот на изложбата.