Македонија
16. December 2017 - 11:44

Изложба на Јана Куновска во Гостивар

Ликовниот уметник Јана Куновска, синоќа за првпат се претстави пред гостиварската публика со свои дела на самостојна изложба во Центарот за култура АСНОМ. Изложбата со наслов „Фантазмагорија“ содржи десетина дела во голем формат, работени во мешана техника масло на платно и јаглен. Како основен мотив во овие дела е орелот, преку кој сликарката ја претставува моќта на природата.

- Оваа изложба кон кајот на 2015 и почетокот на 2016 беше претставена во Скопје. Во делата е користен орелот, но не како симбол, туку како мотив од друга страна, да ја прикаже природата и нејзината голема моќ. Се радувам што дојде ред да ги претставам своите слики и во Гостивар, рече Куновска на отварањето.

Директорот на Центарот за култура Луан Зенки, нагласи дека делата кои се пред публиката содржат лесни фигуративни ликовни елементи при што секој елемент е на свое место, нагласи Зенки.

Јана Куновска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, Магистрирала исто така на ФЛУ, а подготвува докторски студии на Метрополитан во Белград. Реализирала над четириест ликовни изложби во Македонија и странство, изложувала во САД, Хрватска, Германија, Бугарија, Словенија.