Македонија
22. March 2016 - 11:10

Изложба на фотографии „Будење“ посветена на децата со попреченост

Во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица синоќа беше отворена изложба на фотографии „Будење“ посветена на децата со посебни потреби.

Иницијатори на изложбата организирана во рамки на одбележувањата на Денот на лицата со Даунов синдром се две мајки на деца со попреченост и активистки - Анче Туфекчиева, основач и член на Здружението „Вера“ од Струмица, и Даниела Мирческа, регионален координатор на Ресурсен центар за помош и поддршка на родители на деца со пречки во развојот.

- Постојано зборуваме за пополнување на дупките во социјалните политики што ги има во секоја држава. Овојпат сакавме да покажеме дека има и посветла страна зашто, пред се, овие деца се деца. Нивната попреченост не ги спречува да сонуваат, само што тие на различен начин ги остваруваат нивните соништа. Ако имаме шанси од мали да им овозможиме нормално детство, постојат огромни шанси да се реализираат како возрасни, да завршат школо, да водат самостоен живот, да најдат партнер и да бидат сакани, изјави Даниела Мирческа, регионален координатор од Ресурсниот центар.

Фотосесијата се одвиваше на локации во струмичкиот регион. Уметничкиот дел го осмислија и изработија фотографките Ирена Мила и Елена Фидановска, во соработка со илустраторката Верица Пиперевска.

Наредните месеци фотографиите од кампањата „Будење“ ќе бидат претставени и во други градови низ Македонија, со цел да се развие свеста на јавноста дека посебноста на овие лица е во нивните способности, а не во пречката за развој.