Свет
23. April 2017 - 21:47

Изгубен пастор и исчезнувањето ја морничат Малезија

Би-Би-Си - Лондон

Се започна со случајот на изгубениот пастор.

Утрината на 13 февруари Рејмонд Кох излегуваше на автопатот во раззеленото преградие на Келана Џаја, близу малезиската престолнина Куала Лумпур.

Снимката од уличните камери која нашироко се врти на интернет покажува што следувало. Се гледа како конвој од црни СУВ возила и моторцикли го истуркуваат неговиот автомобил и го исфрлаат од патот.
Потоа, неколкумина мажи истрчуваат кон Кох. Се случува мешаница, и конвојот продолжува по патот – заедно со неговиот автомобил. Наводно, тоа е последното нешто што се знае за него.

Од прва, ова изгледа како издвоен случај на можно киднапирање.
Сега многумина веруваат дека овие инциденти се поврзани со како што некои ги нарекуваат „изненадувачка“ серија од исчезнувања, кои лебдад како мистерии над земјата и го шират стравот од религиозни одмазништва. Наводното киднапирање на Кох – епизода која се одвивала помалку од една минута – се случила насред бел ден и ја следеле и други возачи кои подоцна дале изјави за полицискиот извештај. Полицијата ја истражува снимката.

- Операцијата била многу добро организирана. Тие знаеле кој бил тој, каде одел, и најверојатно го следеле, рече неговиот син Џонатан за Би-Би-Си. „Се било врвно професионално изведено“.

„Религиозни елементи“

Киднапирањата не се непознати во Малезија, но киднаперите вообичаено брзо контактираат со семејствата на жртвите и бараат откупнина.

Сепак, еве два месеци семејството на Кох се уште не слушнало ниту збор од него или од неговите наводни киднапери.

Тие веруваат дека ова не е обично киднапирање, и дека „религиозни елементи“ го одвеле пасторот преку чин на „одмазништво или тероризам“.

Кох раководи со невладина организација наречена Харапан комунити (Заедница на надеж) во Куала Лумпур, која им помага на сиромашните, самохраните мајки и на зависници од дроги.

-Тој е искрен, ги сака луѓето, го сака Бога, вели Кох помладиот.
Во 2011 година, Кох бил обвинет за обид да убеди муслиман да конвертира кога бил домаќин на забава на која присуствувале муслимани во неговата црква. Апостазијата е забранета во мнозински муслиманската Малезија.

Потоа овие обвинувања биле отфрлени. Но тој останал цел на интернет озборувања, па набргу дури и добил два куршуми по пошта, велат од неговото семејство.

Таквите информации повторно излегуваат на површина со исчезнувањето на Кох.

Neodamna, се дозна дека неколку луѓе поднеле пријава против Кох во полицијата, наводно со обвинувања дека во јануари годинава се обидувал да конвертира млади муслимани во христијанство.

-Тој никого не би убедувал да го напушти исламот, вели неговиот син Џонатан Кох. „Неговиот наводен проселитизам не е изговоро за киднапирање. Тој не сторил ништо погрешно, тој треба да го има правото како и секој друг граѓанин на судење“.

Од малезиската полиција дадоа малку информаиии за текот на истрагата, и само дека таа оди во три правци: дека Кох имал „лични проблеми“, дека биле вклучени екстремистички групи, или дека тој бил киднапиран заради откуп.

Од таму не одговорија на барањето на Би-Би-Си за коментар.

Врска со исчезнувањата

И покрај медиумските објави за киднапирањето на Кох и видео снимката, почнаа да испливуваат и приказни за други исчезнувања на Mалезијци.

Сите тие случаи се скорешни исчезнувања, а многу од нив остануваат необјаснети.

Исчезнатите во Малезија

Питер Чонг: Социјален активист и поранешен градски советник кој исчезна минатиот викенд во близина на Куала Лумпур. Полицијата објави дека бил забележан како ја минува границата со Тајланд.

Џошуа и Рут Хилми: Пастор и неговата сопруга кои последен пат биле видени во ноември во близина на Куала Лумпур.

Амри Че Мат: Муслимански социјален активист кој наводно бил киднапиран од неговиот автомобил во ноември, во северната држава Перлис. Неговата жена ги негираше обвинувањата дека тој ширел шиитски ислам, кој е забранет од религиозните власти во земјата.

Не постојат докази дека овие случаи се поврзани, но во недостig на конкретни информации многумина излегуваат со свои теории – вклучувајќи и дека властите имаат замешано прсти во сето ова.

-„Изненадувачките мистерии“ со исчезнувања доведоа до „јавно мислење и шпекулации За присилни исчезнувања“, објавува Малејжн бар, користејќи термини кои вообичаено се користат за киднапирања спонзорирани од државата. „Шокантно е и згрозувачки што се повеќе малезијци можат необјасниво да исчезнат и да не бидат пронајдени со денови, недели или пак месеци“.

Полицијата не ги прифаќа лесно таквите озборувања. Минатиот месец, шесфот на полицијата во земјата „го замоли граѓаните за замолчат“, а во средата тој им изјави на новинарите дека „нема никаква поврзаност на случаите“.

Други ја прифаќаат теоријата на Кох и веруваат дека одмазнички религиозни групи се можеби одговорни за случаите.

Малезиските муслимани практикуваат модерна верзија на сунитскиот ислам, но во последниве години во земјата се забележува пораст на се поактивни исламистички групи. Властите уапсија десетици осомничени екстремисти, а минатата година во земјата беше извршен првиот напад од таканаречената Исламска држава.

Сите овие настани ги подигнаа тензиите кај многу луѓе. Малејж бар исто објави дека тие ги распалуваат „алармантните сомнежи“ за безбедноста во земјата.

- Исчезнувањето на Кох посебно испраќа „загрижувачки сигнал“ кон христијаните, вели Хермен Шастри, генерален секретар на Советот на црквите во Малезија. „Тоа е прашање на нашата свест, а некои цркви се загрижени дека ќе стане тренд – каде оние кои се инволвирани во активности поврзани со сиромашните се цел на одмазнички групи“, изјави тој за Би-Би-Си.

Во меѓувреме, семејствата на исчезнатите Mалезијци можат само да се надеваат и чекаат.

Семејството Кох понуди награда за било каква информација, постојано се појавува и обраќа во јавноста, и одржува јавни молења. Минатата недела, високи христијански лидери и разни шефови на цркви имаа заедничка служба за Рејмонд Кох.

-Сите сме силно потресени, ова навистина фрустрира, рече Џонатан Кох. „Но остануваме да работиме на трагите. Мислам дека се уште е жив“.