Македонија
18. November 2017 - 14:28

Изгласана одлуката за пренамена на 1,6 милијарди денари помеѓу буџетските корисници

Со 51 глас „за“,  25 „воздржани“ и ниту еден „против“ Собранието на Република Македонија денеска ја усвои одлуката за прераспределба на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите.

Министерот за финансии Драган Тевдовски предб пратениците образложи дека се крати од ставки кои нема да се реализираат, а тие средства ќе се користат за отплата на наталожени обврски. Одлуката е одраз на определбата за ефикасно управување со јавните финансии и плаќање на долговите на државата.

Се предлага, информира Тевдовски, исплаќање на неколку поголеми заостанати долгови: за големата концертна сала за Македонската филхармонија, за опрема во МВР, за градежни објекти во СОЗР, пред се објектот на Факултетот за драмски уметности, за Албанскиот театар во Скопје и театар и библиотеката во Тетово, за преведување и печатење на стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и за бесплатни учебници. Со оваа отплата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во следните 10 години како резултат на избегнување на плаќање на камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски, укажа Тевдовски.  

Извор за покривање на овие долгови се предложените намалувања од позициите кај кои се забележува послаба реализација и каде е извесно дека планираните средства нема да бидат искористени во целост до крајот на годината. - Главна причина за ваквата реализација се специфичните услови во текот на оваа година, пред се политичката неизвесност во првата половина на годината, како и локалните избори во втората половина, рече министерот Тевдовски.

Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека крајната цел на одлуката е во ред бидејќи со неа ќе се овоможи 50-ина милиони евра да влезат во стопанството. Но, како што наведе, одлуката е првата целосна дијагноза на Владата на СДСМ за слабостите во планирањето и реализирањето на средствата. 

Сопартијката на Димовски, Лилјана Кузмановска рече власта дека едвај успева да реализира 49 проценти од капиталните инвестиции и оти СДСМ намалува и преполовува финасии за проекти кои им биле исклучително важни. -  Намалувањето  го вршите во ставки кои не се многу популарни, но во истовреме значат развој и компонентна за раст на БДП, како што е изградба и реконструкција  на основни училишта,  на ФИНКИ, во делот на спорстки сали на студентски домови .., рече Кузмановска.  

Васко Ковачевски од СДСМ, пак, оцени дека станува збор за добра, паметна и практична одлука на Владата и оти со неа ќе се искористат средства кои не можат да бидат употребени до крајот на годината и ќе се пренаменат во попрактични и поприменливи ставки, посебно во културата, здравството и образованието. - Ја поддржуваме ваквата одлука затоа што ќе имаме практична примена и ќе ги ослободиме дел од министерствата со преголемиот товар на обврски кои не можат да ги исполнат до крајот на годината, сега ќе добијат дополнителни средства и ќе ги наменат кон добавувачите, ќе се намалат можностите да се плаќаат дополнителни камати,извршни решенија, рече Ковачевски.

Неговиот сопартиец Томислав Тунтев потенцираше дека нема ништо лошо во желбата на Владата да ја раздолжи државата од стопанските субјекти и усложните дејности.  Горан Милевски од ЛДП, пак, истакна дека парите се враќаат назад во стопанството и забележа оти не е коректно да се обвинува за неспособност да се реализира нешто во ситуација кога имало политичка криза и локални избори. 

Во завршниот збор министерот Тевдовски рече дека ваквата одлука не е преседан и оти во 2007 година имало два ребаланса и една пренамена, а не било година на криза, проблеми и доспеани обврски. Кај капиталните инвестиции, појасни, се соочивме со спорни започнати проекти, нерасчистени имотно правни односи, необезбедени одобренија за градба, проблеми со проекти, документации и сл. - На пример за одбраната има проблематичен договор за ремонт на хеликоптери, има договори за Центар за обука на пилоти којшто практично не ги исполнуваат обврските за создавање на нови пилоти и за тоа нема никаква логика да се плати, рече Тевдовски. 

За успешноста на минималната плата, укажа, најважно е дали луѓето кои беа со примања под 12.000 денари денеска добиваат плата од 12.000 денари и како што рече, мнозинството, над 90 проценти добиваат плата повисока од тој износ.