Бизнис
13. July 2016 - 16:07

Издавањето на еврообврзницата ќе значи повеќе капитал за стопанството и преполовување на домашното задолжување

Издавањето на еврообврзницата ќе значи повеќе капитал за стопанството и преполовување на домашното задолжување, велат од бизнис заедницата. Со ребалансот на буџетот се предвивдува задолжувањето на домашниот пазар да се намали од 18,9 на 8,4 милијарди денари.

Тоа значи дека банките ќе имаат поголем поттик да ги пласираат своите средства во кредитирање на економијата.

- Ситуацијата во овој момент во однос на прашањето на ливкидноста е таква што оваа одлука ние од бизнис секторот ја примивме со огромно задоволство. Она што е клучно во овој момент за компаниите, особено извозните компании, компаниите кои што прават додадена вредност во нашето општество, е да се зголеми нивната ликвидност. Во спротивно, би се соочиле со голем општествен проблем. Не е битно во овој момент каков е проценотот на вашиот профит и како ќе ја завршите годината, поклучно е да се задржи ликвидноста на компаниите, вели Ирена Јакимовска, член на УО на Стопанската комора.

Со еврообврзницата министерството планира да осигура стабилни исплати на тековните и доспеаните долгови и да ги финансира капиталните проекти кои изминативе години се еден од најсилните чинители во економијата.

- Инјекцијата на свеж капитал ќе се одрази позитивно врз стопанството, особено врз градежниот сектор. Вложувањата во капитални инвестиции носат поттик и економски раст, изјави Роберт Хот, претседател на градежната комора при ССК

Со еврообврзницата од 650 милиони евра треба да се покрие буџетскиот дефицит за оваа и за следната година.

- Несомнено дека еден дел од средствата ќе влезат во стопанството, а ова ќе значи прилив на нови финансии, зголемување на ликвидноста на стопанството, тековно финансирање на нивните потреби, како и проширена репродукција која во крајна линија ќе значи создавање основа за сервисирање на долговите, по основ задолжувањето со новата еврообврзница, оцени Оливера Трајковска, професор на универзитетот Гоце Делчев.

Министерството за финансии веќе го намалува задолжувањето на домашниот пазар. Вчера издаде хартии од вредност од 2,2 милиони евра, додека денес враќа 8,6 милиони евра.