Македонија
25. April 2017 - 15:53

Избрани најдобрите цртежи од ликовниот конкурс „Ја сакам Европа“

Во трговскиот центар „Капитол мол“ денеска се одржа ликовен хепенинг на кој деца од градинките и ученици од основните училишта од општина Аеродром цртаа на тема „Ја сакам Европа“.

Настанот го организираа Општина Аеродром, Европското движење во Република Македонија и Делегацијата на ЕУ во Скопје по повод 9 Мај - Денот на Европа.

На крајот беа избрани најдобрите цртежи, а наградите на малите творци им ги доделија евроамбасадорот Самуел Жбогар, градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски и претседателката на Европското движење во Република Македонија, Милева Ѓуровска.

За најдобра ликовна творба во категоријата од предучилишна возраст е избран цртежот на Ива Минова од градинката „Срничка“ објект „Црвенкапа“. Во категоријата од одделенска настава за најдобар е избран цртежот на Филип Костадиноски, петтоодделенец во ООУ „Димитар Македонски“, а осмоодделенката Моника Стојковска од ООУ „Браќа Миладиновци“ е избрана за најдобра во категоријата од предметна настава.

Општина Аеродром информира дека целта на манифестацијата и на конкурсот е да се развие детската уметничка креативност и инвентивност, но и на најмладите од општината да им станат блиски европските вредности. Цртежите од ликовниот конкурс, како и наградените творби, ќе бидат изложени во  „Капитол мол“ до 9 мај.