Македонија
11. November 2015 - 17:23

Избрани министри од СДСМ во владата на Груевски, премиерот предупреди: Будно ќе ја следам вашата работа

Собранието на Република Македонија на денешната 76. седница ги избра Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ташевска Ременски за министер за труд и социјална политика и Марта Арсовска - Томовска за министер за информатичко општество и администрација.

За Спасовски гласаа 101 пратеник, воздржани и против немаше, за Ташевска Ременски исто така гласаа 101 пратеник, воздржани и против немаше, додека за Арсовска - Томовска 71 пратеник гласаа „за“, додека 31 беа против.

Собранието претходно ги констатира оставките на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика Митко Чавков и Диме Спасов, на министерот без ресот Висар Фида и на заменик министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска - Томовска.

Премиерот Никола Груевски, образложувајќи го предлогот за избор на новите членови на Владата во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, рече дека очекува од нив посветена и одговорна работа согласно законите.

- Очекувам новите министри и заменици да бидат фокусирани на изборниот процес, согласно Договорот од јуни/јули, да не ги кочат започнатите проекти на Владата и  да бидат посветени на решавање на проблемите на граѓаните на РМ. Очекувам нивна посветеност и одговорно работење, рече Груевски.

Додаде дека очекува новите министри да ја преземаат целокупната законска и политичка одговорност пред сите граѓани на Република Македонија како репрезенти на политичките партии од каде се предложени и како членови на Владата.

- Очекувам работење согласно законите и етичките и моралните норми, без злоупотреба на министерските функции во партиски цели, додаде премиерот.

Истакна дека како премиер, како и досега ќе продолжи будно да го следи работењето на секој член на Владата, да соработува со нив во интерес на граѓаните и државата и да реагира соодветно во случај на прекршување на законите.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ го оцени изборот на новите министри како постапка со која се надминува политичката криза и додаде дека со новите мерки опозицијата ќе мора да ги прифати изборните резултати на престојното гласање во 2016 година. 

- За ВМРО-ДПМНЕ важно е дека СДСМ изборите не ги губи поради лажните приказни, туку поради нивниот начин на владеење, рече Димовски.  Тој додаде дека ја поздравува одлуката на СДСМ да понудат министри од највисокото рајководство за, како што рече, да си ја преземат целокупната одговорност. 

Истакна и дека не смее да се дозволи нарушување на стабилноста на државата, на меѓуетничките односи, на економската состојба и на животниот стандард на граѓаните.

Според Горан Сугарески од СДСМ, денешниот избор е почеток на враќањето на довербата на граѓаните во институциите. - Опозицијата влегува во Владата не за да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, туку исклучиво како нејзин коректив. Нашата цел е да обезбедиме гаранции и услови за фер избори во кои правото на глас нема да биде уценето, рече Сугаревски.

Првиот чекор, како што посочи, ќе биде демократизација на институциите за слободно гласање.

- Преку институциите ќе гарантираме дека МВР ќе работи за граѓаните. Наодите во Извештајот на Европската комисија ја потврдија грдата реалност за Македонија. Потврдено е дека во Македонија се применувала селективна правда и тоа мора да се промени, рече Сугаревски.

Ермира Ехмети од ДУИ кажа дека очекува Владата да работи на прашањата кои се нотирани во Извештајот на ЕК.

- ДУИ го поддржува политичкиот дијалог и смета дека сите се одговорни за политичката ситуација во земјата, рече Мехмети.

Од ДПА сметаат дека тоа што ДУИ дозволила право на вето на дополнителните заменици-министри, не им оди во прилог на Албанците.

- Како ДПА продолжуваме и понатаму да бидеме скептични, меѓутоа ќе дадеме согласност за договорот, но за другото ќе продолжиме да бидеме ваши противници, особено сега кога ве гледаме заедно, рече Имер Алиу од ДПА.

Пратеничките Роза Топузова-Каревска и Солза Грчева изразија сомнеж дека со ваква Влада ќе се стави крај на досегашното лошо владеење. 

- Во оваа техничка Влада требаше со стручното знаење, со експертите да овозможи да имаме фер и демократски избори. За жал, оваа Влада не верувам дека ќе ги исполни очекувањата на граѓаните. Не е целта високите партиски функционери да бидат ставени во Владата која требаше да се нарече техничка, затоа што со тоа СДСМ ја презема целата одговорност за она што ќе случува во наредните шест месеци. Токму поради ова ќе гласам воздржано, рече Топузова-Каревска.

Изборот на министрите и нивните заменици го поддржа Лилјана Поповска од ДОМ со цел, како што рече, да се обезбеди мирна разврска на политичката криза.