Македонија
28. August 2015 - 8:56

Иванов во Охрид ги додели сертификатите на учесниците на Школата за млади лидери

Со учеството на Школата за млади лидери добивате сертификат, билет за следното патување наречено живот. Се надевам дека сето она што го научивте досега, знаењето, вештините, познанствата, ќе ви послужат во следното патување, им порача синоќа претседателот Ѓорге Иванов на учесниците на шестата Школа за млади лидери што се одржа во Охрид.

На доделувањето на сертификатите за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука, Иванов искуството стекнато преку Школата за млади лидери го поистовети со патување со брод, а токму лидерот, рече, е оној што го држи кормилото и се грижи сите сопатници, покрај бури да ги донесе до копното...

-  Вие сте генерација која повеќе патува со автомобил...Затоа доволно ви е онолку да гледате назад колку што е ретровизорот, а да гледате напред со широко отворени очи и да гледате во недоглед. Бидете одговорни за вашите сопатници, за она што ќе ви го донесе животот, рече Иванов, порачувајќи им на младите лидери да го споделуваат своето знаење со останатите.

Иванов уште им порача на учесниците на Школата да бидат добри личности, наклонети кон убавото во животот.

- Секојпат да се биде наклонет кон добрината, оттаму што убавината никогаш не оди без добрината. И тогаш доаѓа и свеста за правдината, истакна меѓу другото Иванов.

Тој изрази надеж дека сите учесници на оваа Школа за млади лидери низ текот на изминатите десет дена се исполнети со самодоверба, со визија, умеења, знаења што не се стекнуваат преку книгите, туку со познанствата, пријателствата, остварените контакти. 

На овогодинешната школа учествуваа 44 млади лидери, кои имаа можност да чујат искуства, знаења, од дваесте реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко...Meѓу предавачите на шестата Школа за млади лидери беа поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, поранешниот потпретседател на ЕК и МНР на Италија Франко Фратини, Марк Оте, генерален директор на Кралскиот институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ, Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО“, Јован Ковачич, член на извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „East West Bridge“, Метју Квасиборски, директор на Европскиот институт на Фондот за Американски студии...

Во изминатите пет години на школата учествуваа двесте млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и бројни амбасадорифункционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнисмени, професори од реномирани светски универзитети.

Идејата на Претседателот Иванов е преку одржувањето на школата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградат и усовршат своите вештини, да ја развијат својата креативност и лидерски способности. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.