Македонија
13. February 2016 - 15:59

Иванов: Во иднина ќе се занимаваме со безбедносниот аспект на мигрантската криза

Безбедносниот аспект на бегалската кризата е она што во идните години ќе не преокупира. Многу од борците во ИСИЛ веќе го користат бегалскиот бран за да ги напуштат боиштата и да се протнат меѓу бегалците. Тоа сега го отвора прашањето како службите ќе соработуваат, како ќе ги наоѓаат тие лица и како ќе се справуваат.  Ова го изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов во Минхен, каде учествува на 52. Конференцијата за безбедносна политика.

Со хуманитарниот аспект на кризата, како што рече, се справуваат меѓународните организации, ОН, УНИЦЕФ и Црвен крст,  и тоа е една димензија на кризата,  додека безбедносниот аспект е нешто со што ќе се соочуваме во идниот период и тоа ќе остава отворени прашања за кои досега немаме решение.

- Меѓу бегалците има голем број илегални мигранти од земји каде што нема безбедносни ризици. Тие се пред се економски мигранти кои поведени од овој бран што го отврија бегалците од Блискиот Исток ја користат можноста да добијат шанса и да живеат во подобри места, реќе македонскиот претседател.

Иванов посочи дека на средбите кои ги оствари на маргините на Минхенската конференција  со претставници на земји-членки од ЕУ разговарал  за искуството кое Република Македонија, како и она што досега како земја на транзит и земја на коридорот каде што е најголемата илегална миграција кон Европа, разговарал за неопходноста од севкупното европско решение на овој предизвик.

- Македонија иако не  е членка на ЕУ, таа е на европскиот континентот и мора да се најде начин да се соочи со овој заеднички предизвик кој ќе трае. Ова не е нешто што може веднаш да заврши, рече Иванов.

Со претставниците од САД, како што рече Иванов, разговарал за новата мисија на НАТО што ќе ја има сега меѓу Турција и Грција и како тоа ќе се одрази на протокот на мигрантите и бегалците низ македонската територија.

- Разговаравме и за македонското членство во НАТО и како да се најде начин ова што досега сме го вложиле во прилагодување на стандардите  на НАТО, учество во НАТО мисиите и Македонија од тоа има некој бенефит, бидејќи сите кон нашата земја гледаат како на партнер кој ги исполнува сите обврски кои ги има преземено од НАТО, рече Иванов.

Шефот на македонската држава во Минхен имаше средби и со неколку претставници на земјите од каде што доаѓаат најголемиот дел од бегалците.

- На овие средби сакав изворно да се информирам за состојбите во Ирак, во Авганистан... Разменивме мислења за нивните видувања и планови што тие и ги понудиле на ЕУ, како да се најде начин да се забави и да се влијае на овој бегалски бран кој веќе трае, рече Иванов.

На средбата, како што рече Иванов, бил информиран и за проблемите кои ги има населението со ИСИЛ и за сето она што ги принудува сите тие луѓе од различни вери и етнички групи да бегаат од своите домови.

- Укажаа дека во сето ова се вклучени и многу криминални структури затоа што гледаат дека тоа носи голем профит. Тие информации ќе ни бидат корисни како земја на транзит на бегалците. И тие самите укажуваат дека Македонија треба да биде дел од севкупното европско решение. Затоа што не може да се чека само одредени земји да пројавуваат иницијативи и да даваат решенија. Тоа мора да е севкупно решение, истакна Иванов.

Од сите овие разговори, како што посочи претседателот Иванов, произлгло дека мора да се менува улогата на националните армии и дека освен на стандардите на НАТО, земјите мора да ги прилагодуваат своите закони за ова нова улога која ќе  ја имаат армиите пред се во заштита на своите граница.

- Тоа го покрена и прашањето каква се опрема е неопходна и како треба да се стандардизираат сите овие постапки вклучувајќи и го и усогласувањето на регулативата. Ние за тоа имаме заклучоци од Светот за безбедност и покренавме иницијатива пред се за промена на заонската регулатива на оваа нова улога на армиите за заштита на сопствените граници, нагласи Иванов.

На средбите со претставниците од  земји-членки од Унијата Иванов им го повторил барањето за опремата која ни е потребна за заштита на нашата граница.

- Имаме потреба  од тие стандарди, како и од тоа сите тие податоци да бидат дел од севкупните бази на податоци на Шенген и на Фронтекс, каде што ќе може да ги користат и другите земји за да се знае кои лица сме ги откриле, а немаат право на азил и тие лица до немаат пристап до ниедна земја од Унијата, односно да се почне да се враќаат од земјите од каде доаѓаат, додаде Иванов.