Македонија
26. April 2017 - 10:08

Иванов: Унгарија е вистински пријател на Македонија

Унгарија е вистински пријател на Македонија. Имаме извонредни политички односи и меѓу двете земји нема отворени прашања, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за унгарската државна телевизија МТВА.

- Кога беше Унгарија претседавач со Европската унија таа создаде еден поширок круг пријатели, поддржувачи на Македонија. И тоа ние никогаш нема да го заборавиме, затоа што тогаш имавме кој да го каже нашиот глас во Брисел. Ние сме долго време кандидат, од 2005-та сме кандидат за членка на Европската унија, а од 2009-та, веќе имаме добиено осум препораки и позитивни извештаи, но поради блокадата од нашиот јужен сосед, Македонија стои во место. Македонија, по Словенија, е прва од Балканот што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација уште во 2001-та година, а веќе сите други членки кои беа многу зад Македонија отидоа напред, Хрватска стана членка на Европската унија, Црна Гора веќе води преговори, Србија води преговори, а ние уште не сме добиле датум за почеток на преговори. Затоа, важна е билатералната соработка со членките од Европската унија, особено вишеградската група и Унгарија, кои се пријатели и помагаат на Македонија во нашите евро-атлантски аспирации, вели претседателот Иванов.

Македонскиот претседател во интервјуто изразува благодарност до Унгарија, особено до премиерот Виктор Орбан за поддршката што и ја даде на Македонија за време на бегалската криза.

- Ние сме навистина благодарни на Унгарија, не само затоа што ни прати нејзини полицајци да бидат на нашата граница со територија на Европска унија, туку Унгарија не поддржа за време на кризата со техничка опрема, со уреди, за да ја заштитиме нашата граница. И ние сме навистина благодарни за таа поддршка што ја имаме од Унгарија, особено од премиерот Орбан кој тогаш се покажа како вистински пријател и гледаше многу подолгорочно од другите земји. Искуствата што ги имаше Унгарија со поставување жица и спречување на коридорот ги користевме и ние. Да ставиме и ние жица на нашата граница за да можеме прво да го регулираме балканскиот коридор, за подоцна и да се затвори балканскиот коридор, балканската рута на мигранти, рече претседателот Иванов за унгарската државна телевизија.