Бизнис
17. February 2018 - 14:14

Иванов-Радев:Македонија и Бугарија треба да ја унапредуваат севкупната соработка

Македонија и Бугарија треба да имаат поуспешна бизнис соработка, подобра инфраструктура, повеќе проекти, поголема размена на стоки и на луѓе и многу подобра комуникација на сите нивоа. Ова денеска го истакнаа  македонскиот и бугарскиот претседател Ѓорге Иванов и Румен Радев, пред бизнисмените и претседателите на стопанските комори.

- Ние веќе имаме политичка доверба на највисоко ниво и таа е услов за сите понатамошни успеси, рече Радев кој додаде дека за ефикасен и ефективен бизнис потребни се безбедност и добрососедство.

Бугарскиот претседател потенцира дека е многу важно што побрзо Македонија да стане членка на НАТО, а странските инвестици мора да доаѓаат во секоја средина, со помала или поголема безбедност. 

Комора радев иванов

- Веќе има шанса во рамките на нашето претседателство со ЕУ Република Македонија да добие покана за членство. За да ги убедиме нашите партнери да ја дадат таа покана ние треба да покажеме дека Бугарија и Македонија можат да работат заедно, рече Радев. Смета дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка треба да заживее, а не да остане само на хартија. 

Радев нагласи дека исклучително важни се и размената во образованието, науката, културата и туризмот. Потенцира дека Бугарија има голем проток на странски инвестиции и големи искуства во искористување на европските фондови, а Македонија може да ги искористи позитивните формули за разработување на конкретни проекти. Тој смета дека може со заеднички сили и со помалку средства да се направи граничните премини да работат многу подобро.

Претседателот Иванов потенцира дека освен подобрување на инфраструктурата меѓу двете држави, која во некои делови е очајна, мора корупцијата да се сведе на нула и да се инвестира во вода, храна и енергија. 

Комора иванов радев

- Ние мора да бидеме подготвени на новите трендови. Бугарија е многу напредната во ИКТ секторот и може да се искористи тоа искуство зашто ние имаме млади компании кои се занимават со дигитална анимација, дигитални услуги кои се повеќе заземаат дел од бизнис заедницата, рече Иванов. Потенцира дека се неопходни меритократија, прагматизам и чесност. 

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески истакна дека имаат одлична соработка со коморите во Бугарија. Според него, потребни се три услови за економската соработка да оди нагоре, обврските на двте држави, на прватниот сектор и на локалната самоуправа. 

- Ни треба сериозна акција со динамика и рокови за конечно да завршиме некакви работи кои се од интерес на бизнисот меѓу двете држави. Нашата соработка долги години се движеше околу 300 милиони, а денеска напреднува и се движи на 664 милиони долари. Тоа е значителен напредок од минатата година од 19,3 отсто. Докажано е дека приватниот сектор ги исцрпува можностите за соработка со Република Бугарија во услови кога Бугарија е членка на ЕУ, рече Азески. 

Од аспект на бизнисот, Азески смета дека изминатите години ние сме изгубиле милјарди евра во меѓусебната соработка. Ги повика и ги замоли претседателите Иванов и Радев да лобираат кај владите на двете држави да се забрзаат процесите на инфраструктура следните години.

На состанокот Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарската трговско-индустриска комора потпишаа договор за соработка.