Македонија
29. May 2017 - 16:36

Иванов побара од амбасадорите на ЕУ Македонија да добие датум за преговори

Статус кво ситуацијата не смее да продолжи, нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес им порачал претседателот Иванов на амбасадорите на земјите членки во ЕУ со кои имаше средба во Вила Водно. Според претседателот , потребно е Европската унија да направи исчекор и да определи датум за почеток на пристапните преговори.

„Отворањето на преговорите во поглавјата 23 и 24 за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси. Статус квото не смее да продолжи. Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес, како и обединувачката моќ на процесот, за соочување со длабоката политичка поларизација во земјата“,порачал Иванов.

Шефот на државата ја повторил потребата лидерите на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и евроатлантска Македонија а приоритет да се даде на закони и решенија од европската агенда.

На работната средба разговарале за актуелните случувања во земјава.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија ја поздравиле одлуката на претседателот Иванов за доделување на мандат за состав на Влада со што се отвора можноста за нормализација на состојбите и политичка стабилност во земјата.

Иванов и амбасадорите очекуваат дека новата влада во своите приоритети ќе ја има ЕУ агендата.

Разговарале и за големите предизвици со кои се соочува регионот,мигрантската и безбедносна криза, екстремниот радикализам, растечката националистичка реторика.

Амбасадорите се интересирале и за клучните аспекти од  посетите на Иванов на Кралството Јордан, Руската Федерација и Државата Ватикан, како и за претстојните учества на самитот Брдо-Бриони и на самитот на Процесот за соработка во југоисточна Европа.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ потенцирале дека високо го ценат отворениот пристап од претседателот Иванов и изразиле уверување дека ЕУ  е подготвена да се ангажира Република Македонија и целиот регион да биде високо на агендата во институциите на ЕУ.