Македонија
25. November 2015 - 19:09

Иванов: Недоволна соработка во безбедноста сериозен проблем во регионот

Недоволната безбедносна соработка во регионот е сериозен проблем. Земјите од регионот соработуваат во многу сфери, но не и во безбедноста, а се е условено во безбедноста и стабилноста, порача претседателот Ѓорге Иванов на вонредниот самит на лидерите на Процесот Брдо – Бриони што денеска се одржа во Загреб.

- Тоа е последното предупредување дека земјите од регионот треба неодложно да ја максимизираат соработката во сферата на безбедноста, рече Иванов, посочувајќи дека за тоа е неопходна и поддршката од сојузниците и партнерите, а особено од Соединетите Американски Држави.

Иванов нагласи дека изворот на сите проблеми во регионот е ист, а Балканот, додаде, се уште не е целосно интегриран во Европската унија и во НАТО.

– Поодамна предупредуваме дека третирањето на интеграцијата како техничко, а не како суштинско прашање го прави целиот регион, а со самотот тоа и Европа, помалку отпорна на заканите. Неопходно е ЕУ и НАТО да ги сменат политиките кон Македонија и да ги тргнат блокадите, потенцира Иванов во својот говор.

Во заклучоците на Самитот, е истакнато дека е неопходен редовен дијалог на оперативно ниво меѓу САД, Европската унија и земјите од Југоисточна Европа со цел да се спротиставиме на глобалните безбедносни закани.

- Актуелната драматична криза со мигрантите претставува предизвик без преседан како од хуманитарен, така и од безбедносен аспект кој бара дијалог и согласност за подобро да се заштитат надворешните граници на ЕУ и значително да се олесни приисокот на бегалците врз погодените држави, оценија учесниците на самитот и порачаа дека проширувањето не треба да се гледа како технички, туку како политички процес.

Во заклучоците од самитот се посочува дека на отворените блатерални и регионални прашања треба да им се пристапи конструктивно и во согласност со меѓународното право и принципи.

- Денес ние лидерите на процесот Брдо Бриони ја обновуваме нашата посветеност кон градењето доверба, развојот на билатерален и регионален дијалог и кон помагањето едни на други во согласност со процесот на европски и евроатлански интеграции, како и кон промовирањето на натамошна соработка и помирување, порачаа лидерите-учесници на самитот. 

Се обврзуваме, нагласија, да ја подобриме економската соработка и поврзаност преку регионални инфраструктурни проекти со посветување на особено внимание на енергетската сигурност.

- Фокусот ќе биде насочен кон гарантирање на просперитетот на младите генерации со мобилни програми и можности за работа. Треба да се истакне синергијата на процесот Брдо Бриони со Берлинскиот процес и во тој контекст го поздравуваме исходот од самитот во Виена, укажуваат учесниците на самитот.

Искажаа згрозеност од бруталноста на терористичкиот напад во Париз и од терористичките напади во Анкара, Синај, Бејрут и Бамако и повикаа на ефективни и ефикасни глобални решенија за борба за разрешување на корените на радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот. За тоа, како што порачаа, е неопходна широка меѓународна соработка и подобро координирање и размена на информации меѓу безбедносните агенции.