Македонија
22. September 2016 - 16:27

Иванов на неформална средба со Обама: САД ја поддржуваат Евро-Атланската иднина на Македонија

Македонија и Соединетите американски држави остануваат стратешки посветени партнери. Претседателите Барак Обама и Ѓорге Иванов вчера во Њујорк ја потврдиле поддршката од САД за реализација на македонските стратешки цели, членството во Европската Унија и НАТО.

Неформалната средба меѓу Иванов и Обама е дел од приемот што за учесниците на 71. Генерално собрание на ОН го приредил американскиот претседател.

Иванов на истиот прием имал неформални средби и со американскиот државен секретар Џон Кери, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, чешкиот претседател Милош Земан, претседавачот со босанското претседателство Бакир Изетбеговиќ, генералниот секретар на ОБСЕ, претседавачот на 71. Генерално собрание Питер Томсон.

На сите средби било разговарано за актуелните состојби во Република Македонија, регионот на Југоисточна Европа од аспект на интеграциите, како и мигрантската и бегалска криза и безбедносните предизвици.
Инаку, Иванов имал средба и со Високиот претставник на ‎Обединетите нации за Алијансата ‎на цивилизациите, на која бил потенциран значајниот придонес и поддршка што ја дава Република Македонија на Алијансата на цивилизациите и нејзините иницијативи.

 -Република Македонија има исклучително активна улога во Алијансата на цивилизациите и ние како држава имаме што да понудиме. Со нашето инклузивно општество во кое што се негува традицијата на дијалог и почитување на различноста сме позитивно искуство и пример којшто треба да биде следен“, истакна претседателот Иванов.

Претходно пак Како што соопштува кабинетот на македонскиот претседател, Иванов остварил повеќе билатерални средби, меѓу кои со претседателите на Европскиот совет, на Полска, на Египет, со јорданскиот крал и со норвешкиот премиер.

Во Њујорк и министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан имале средба со еврокомесарот Јоханес Хан и  високиот претставник на ЕУ Федерика Могерини.

Поблиска регионална соработка и активна поддршка од членките на ЕУ и НАТО кои се наоѓаат во регионот, за целосна интеграција на земјите-кандидати, биле дел од темите за кои разговараале, соопшти МНР.

Како што соопштуваат од МНР, на состанокот на Јадранската повелба, министрите ја реафирмираа поддршката за полноправно членство во НАТО на сите земји од групата А5. Воедно, беа истакнати националните активности во превенцијата и борбата против тероризмот и радикализмот и потребата од континуирана регионална соработка и соработка со НАТО и ЕУ на овој план. Со оваа група, Македонија ќе претседава во 2017 година.