Бизнис
20. April 2017 - 19:40

Иванов – Иваниќ: Македонија и БиХ треба да ја интензивираат економската соработка

Македонија и Босна и Херцеговина треба да ја подобрат економската соработка. Ова беше пораката која ја испратија шефовите на двете држави на бизнис форум во Скопје. Билатералните и политички односи се одлични но недостасуваат поинтензивни бизнис релации. Босна е дури 20ти трговски партнер на земјава, и покрај високото ниво на културни и општествени предуслови за подобрување на размената.

- Посетата на господинот Иваниќ и овој бизнис-форум е израз на подготвеноста на нашите држави и институции да им помогнат на стопанствениците. Тука сме за да отвораме нови перспективи, да создаваме нови правни рамки за поконкретна соработка, да одговориме на потребите на стопанските субјекти и да им овозможиме на нашите народи да продолжат да го негуваат традиционалното пријателство, нагласи претседателот Иванов.

Иваниќ изрази надеж дека наскоро граѓаните од двете земји ќе можат да патуваат со лична карта. Истакна дека е потребно и воведување на директна авио линија Скопје Сараево и заеднички настап на двете земји на трети пазари.

- Мислам дека постои взаемен простор соработката во економскиот дел меѓу Македонија и Босна и Херцеговина значително да се зголеми. И ние и вие имаме релативно стабилна валута, и ние и вие сме дел од современиот свет, и кај нас и кај вас даноците се релативно стабилни и мислам дека постои навистина голем простор за соработка. Треба да има поголема директна поврзаност, истакна Иваниќ, додавајќи дека без економски развој, нема ниту политичка стабилност. 

Наскоро двете земји треба да потпишат договор за економска соработка како и договор за соработка помеѓу стопанските комори.

Лани трговската размена помеѓу двете земји била над 155 милиони долари. Извозот бил околу 83 милиони долари а увозот 73.