Македонија
15. January 2018 - 16:20

Иванов има рок до четврток да се изјасни за законот за јазици

До четврток Претседателот Иванов треба да одлучи дали ќе го стави својот потпис на Законот за јазиците кој минатата недела беше изгласан од пратениците во Собранието. Шефот на државата може да се реши да го користи правото на суспензивно вето и законот заедно со своите забелешки да му го врати на Собранието.

Во таква ситуација законодавниот дом ќе мора да го помине законот во трето читање а пратениците имаат можност да поднесуваат амандмани само за забелешките кои Претседателот Иванов евентуално би ги доставил.

Во таква ситуација се отвора простор за ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието и согласно препораките на Претседателот Иванов да бара измени на законското решение.

Од партијата не ја отфрлаат оваа опција иако велат дека нема да коментираат пред Претседателот да излезе со својот конечен став.

Во Кабинетот на Претседателот и денеска мол. Никој од Водно не сака да излезе со информации за тоа каква ќе биде одлуката на шефот на државата. Од таму за Сител само уште еднаш го повторија веќе познатиот став дека Претседателот во законскиот рок ќе ја донесе својата одлука.

Претседателот Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците овој закон го оцени како опасен за унитарноста на државата.

Законот за јазиците македонскиот законодавен дом го донесе минатата недела без скоро никаква дебата, во отсуство на опозицијата и низ чудна скратена постапка користејќи го европското знаменце по што следеа бројни реакции на експертската јавност и граѓаните. Угледни професори, аналитичари и експерти законското решение го сметаат за спротивно на Уставот и доколку помине низ Собранието најавуваат соодветна постапка пред Уставниот суд.