Македонија
18. November 2017 - 21:26

Иванов ги прими учесниците на фестивалот „Златно славејче“

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими учесниците на 47. издание на фестивалот за детски песни „Златно славејче", што се одржува под негово покровителство.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, упати честитки за успешното реализирање на фестивалот, што се одржа по четириесет и седми пат, посакувајќи следната година уште многу нови детски хитови, коишто ќе бидат обележје за идните генерации.

Златните славејчиња низ песна се заблагодарија за денешниот прием како и за континуираната поддршка од македонскиот претседател.

Директорот на фестивалот Бобан Јосифовски изрази задоволство што „Златно славејче" од година во година забележува се поуспешна реализација, се наведува во соопштението.

Како и минатата, така и оваа година, на фестивалот учествуваа гости од соседните земји кои своите песни ги изведоа на македонски јазик. Првиот ден од секое издание на фестивалот има хуманитарен карактер и е наменет за децата со посебни потреби.

Првото издание на фестивалот „Златно славејче" се одржал на 23 мај 1970 година, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Оттогаш традиционално, веќе 47 години, во рамки на одбележувањето на ослободувањето на градот Скопје, 13-ти ноември, „Златно славејче“ е дел од музичката лектира на најмладите.