Македонија
29. December 2016 - 16:07

Иванов ги повика лидерите на ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ да се обединат околу државните интереси

Никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална и федерална држава, порача претседателот Ѓорѓе Иванов во годишното обраќање. Иванов повика на национално помирување, политичките лидери да ги стават државните интереси на прво место и да превземат одговорност. На изборите на 11 декември, граѓаните го кажаа своето и го направија првиот чекор кон ставање крај на политичката криза. Со своите гласови, граѓаните ги принудија партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси, посочи Иванов.

Се уште слушам како поедини лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и идентитетот на граѓаните.  Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на Македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара. Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа е слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество, истакна Иванов

Неодговорното однесување и блокадите од страна на НАТО и ЕУ, Иванов ги посочи како почеток на кризата во земјава. Во услови на распуштено Собрание, техничка влада, парализирани безбедносни институции, мигрантска криза и закани од странски терористички борци, Иванов потенцираше дека помилувањето било единствениот начин да се спречат црните сценарија насочени против Македонија.

-Сето ова што ни се случуваше неминовно водеше кон граѓански конфликт. Во такви сложени услови, како Претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. Еден ден кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја презел таа мерка.  Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија, рече претседателот Иванов.

Од новата влада Иванов очекува да ги заштити државните интереси, да го зачува и зацврсти унитарниот карактер на Македонија и да спроведе системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност. Македонскиот претседател ги повика лидерите на 6-те парламентарни партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и евроатланска Македонија и да ја вратат моќта на институциите на државата.