Македонија
29. May 2016 - 16:16

Иванов: Европа е пред нов голем бегалски бран од афричките држави - Потребна е соработка на државите

На Европа и се заканува втор бран бегалци од афричките држави, кои се во потрага по подобар живот. Тоа претставува дополнителен товар за Унијата која извесен период се соочува со проблеми од внатрешен карактер. Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов од Сараево упати предупредување дека состојбите со мигрантските бранови мора да се менаџираат на дневно ниво за да се постигнат резултати.

Процесот Брдо-Бриони кој се оддржува во Сараево, по четврти пат на иста маса ги седна претседателите на земјите од Западен Балкан. Нивната порака е дека европските и евроатлантските интеграции треба да се третираат како суштинско, а не техничко прашање со цел да се забрза интеграцијата на регионот во Европската унија и НАТО. Тие упатија порака дека билатералните разлики не смеат да бидат пречка и блокада на евроинтеграциите.

Лидерите на процесот Брдо-Бриони заклучија дека неопходно е помирување и враќање на севкупната доверба меѓу државите, со цел непречна и засилена регионална  соработка. Македонскиот претседател подвлече дека државите максимално треба да се посветат на подобрување на односите и соработката особено во сферата на безбедноста и инфраструктурата.

За првпат, заклучоците од Брдо-Бриони почнаа да се спроведуваат по самитот во Дубровник преку Берлинскиот процес на кој учествуваа претседателите на владите од регионот. Годинава Берлинскиот процес ќе продолжи во Париз, а следната година кога Македонија ќе домаќинува со Брдо-Бриони, ќе следува средба на премиерите во Рим.